Направен увид во новата опрема донирана од страна на Амбасадата на Јапонија во Општата болница во Охрид. Станува збор за најсовремен подвижен рендген апарат во вредност од 60 илјади евра набавен преку „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP).

Изминативе четири месеци од кога е ставен во употреба биле реализирани преку педесетина прегледи.

Директорот на Општата болница во Охрид, Асен Шајн истакна дека апаратот значително придонел за подобрување на условите за време на сложени оперативни постапки во Хируршкиот блок, како и за квалитетот и безбедноста на здравствените услуги на пациентите.

Со овој апарат успешно се реализирани околу 50 прегледи во периодот од јуни до септември оваа година каде се добиваат високо квалитетни снимки кои овозможуваат брза, точна и прецизна дијагноза на хируршкиот тим во текот на изведувањето на операцијата. Оваа наша соработка е долгогодишна и датира од 90-тите години и се интензивира во 2016 година каде од страна на Амбасадата добиваме донација на комплетно опремено амбулантно возило за потребите на нашиот град и нашите сограѓани. Нашата соработка овде не запира, туку ќе продолжиме заеднички кон остварување на нашите цели и проекти коишто се голем бенефит за граѓаните и пацинтите и ќе се стремиме кон една единствена цел а тоа е подобар здравствен систем и многу задоволни пациенти, потенцираше Шајн.

Амбасадор на Јапонија Хиронори Савада истакна дека од 1996 година Јапонија поддржува проекти во секторот здравство, образование и животна средина во Северна Македонија потенцирајќи дека досегашната јапонска поддршка изнесува над 8,5 милиони евра за 171 GGP проект.

Драго ми е што во текот на изминатите четири месеци со овој апарат беа извршени околу 50 интервентни снимања што овозможи попрецизна дијагноза кај пациентите за време на операциите. Се надевам и во иднина ќе можеме да го поддржиме здравствениот сектор и неговите капацитети. Во рамки на иницијатива на Западен Балкан Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата во Европската Унија. Преку проектите за мали грантови, Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирани возила за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина, потенцираше Савада.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека ова е многу вредна и значајна донација потенцирајќи дека благодарение на одличната соработка реализирани се повеќе проекти во Охрид.

Оваа донација е уште еден важен пример за нашето долгогодишно пријателство и меѓусебна соработа. Се надевам дека и во иднина ќе воспоставиме низа нови партнерства за институционален развој и градење на капацитетите во повеќе општествени сегменти. Благодарност до јапонскиот народ и Амбасадата за сите досегашни проекти кои ги реализиравме со нивна поддршка, рече Пецаков.

Меѓу проектите градоначалникот Пецаков ги спомена реновирањето на санитарните јазли во ОУ „Христо Узунов“, набавката на медицинска опрема во Медицискиот центар Охрид и набавката на кревети и машини за копирање во детската градинска „Јасна Ристеска“.

Ја потенцираше и набавката на пренослива рендген машина за Општата болница и денешниот потпишан договор за проект за обезбедување на возило за чистење отпадни води во канализациониот систем за потребите на Општина Охрид и ЈП „Нискоградба“.

Н.С.Ј.