Кацаров потенцира дека секој кој ќе добие награда која го носи името на Прличев, а претходно е запознаен со неговото дело, ќе биде изненаден од самиот себе.
– Кога ќе се соочите со едно вакво признание се соочувате со она што значи ваша можност во поглед на она што значи и ваш уметнички израз или прилог кон современата македонска поезија. Навистина, да се биде лауреат на наградата на Прличев е големо признание и нема човек кој се бави со поезија за кој ова не претставува и потврда на неговите вредности, изјави Кацаров.
Денешната свеченост беше збогатена и со настап на хорот при Центарот за култура, а присутните беа поздравени и од директорката, Драгана Боцевска која го потенцира значењето на наградата која традиционално се доделува секоја година.
– Тоа е еден гест со кој преку славата на македонскиот Хомер, создавајќи нови поеми им се дава можност на современите пистаели да го покажат својот талент надоврзувајќи се на делото на Прличев, истакна Боцевска.
Во рамки на свеченоста, покрај врачувањето на наградата на Кацаров, беше отворен и конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2012 година.
„Прличевите беседи“ продолжуваат и утре, со положување свежо цвеќе пред споменикот на Прличев и панихида на неговиот гроб. Во спомен- куќата на Прличев освен поетско читање на годинешниот лауреат, ќе се претстави и творечкиот портрет на авторот Панде Манојлов, а ќе се одржи и традиционалната „Прличева визита“.