Со поетско читање и доделување благодарници и договор за идна соработка, во манастирскиот комплекс „Св Спас“ во Горно Лакочереј беше заокружен Светскиот патувачки поетски фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.
Во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и престижната Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија три дена во Охрид гостуваа поети од Романија, Унгарија, Словачка, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово и Северна Македонија.
Првиот ден во четвртокот во Прличевата одаја на Библиотеката се одржа мал научен симпозиум на кој присутните говореа за ликот и делото на двајцата поети од 19 век кои ги споија македонската и романската култура – нашиот Григор Прличев и Михаи Еминеску кој во Романија, како Прличев кај нас е прогласен за национален поет.
Воведничари во темата беа академик Јон Деаконеску, претседател на Академијата „Михаи Еминеску“ и м-р Милчо Јованоски, директор на охридската библиотека.
Свои обраќања во врска со темата и учеството на Светскиот патувачки поетски фестивал имаа поетите: Градимир Гојер, Бојко Ламбовски, Јетон Келеменди, Константин Барбу, Зоран Анчевски и Иван Антоновски. Присутните беа поздравени од академик Миле Д. Миќуновиќ, иницијаторот за овој настан и проректорката на УИНТ „Св. Апостол Павле“ проф. д-р Устијана Речкоска – Шикоска.
По завршувањето на настанот поетите – гости имаа куса средба со други охридски автори и вработени во Библиотеката.
Првото попладне во Охрид поетите го поминаа со кафе и читање поезија во култниот „Аквариус“. Место кое над 30 години е мека на луѓето од културата, а во него читале и беседеле и познатите македонски писатели и поети: Видое Видически, Матеја Матевски, Петре Бакевски, Георги Старделов, ред други учесници на Струшките вечери на поезијата а таа поетска приказна ја продолжи Славе Ѓорѓо Димоски со колегите.
Истиот ден гостите беа воодушевени од убавината и богатото културно и историско наследство на Охрид. Петокот беше резервиран за посета на Музејот на вода кај Градиште и манастирскиот комплекс Свети Наум.
Со кафе и манастирска ракија подарок од Отец Нектариј поетите опиени од сината езерска шир и спокојот близу манастирот во Свети Наум одржаа ново поетско читање.
Светскиот патувачки поетски фестивал беше заокружен со уште едно читање во конаците на манастирот „Св Спас“ и дегустација на етно храна. Договорено е соработката помеѓу Библиотеката и Академијата да продолжи и да се продлабочи а наскоро е можно заеднички да биде издаден еден вид алманах со песни, биографии на учесниците и фотографии од охридската поетска дружба на македонски и англиски јазик.

Претседателот на академијата од Крајова, академик Јон Деаконеску го одликува академик Миле Д. Миќуновиќ со титулата Почесен член на Академијата во Крајова а министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадновска – Стојчевска и м-р Милчо Јованоски, првиот човек на охридската библиотека како најзаслужни за оваа светска поетска средба беа одликувани со медали „Михаи Еминеску“ од страна на Извршниот комитет на Меѓународната академија а беа прогласени и за Амбасадори на културата од страна на истоимената Европска фондација и Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија.
„Светскиот патувачки поетски фестивал“ е проект на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и е дел од Годишната програма за работа финансиски помогнат од Министерството за култура, Шпаркасе банка и Метал Апостолов од Кавадарци.
OhridNews
















