Тажната приказна што ја објави „OhridNews“ за Митреви, кои од пролетта живееја  во колиба на периферијата од Охрид, без вода и струја, стигна до  Македонската православна социјална служба од Сиднеј, Австралија, чиј претставник деновиве допатува во Македонија и донесе помош за петчленото сиромашно семејство. Митреви  денеска трошната колиба ја заменија со топли соби во куќата на дедо Стојан, каде ќе живеат под кирија, додека не се изнајде поадекватно решение.


-Благодарение на електронскиот весник „OhridNews“ ја увидовме потребата за помош на ова загрозено семејство Митреви, решивме да помогнеме и за таа цел одвоивме средства од нашата асоцијација. Семејството го сместивме во овој дом на дедо Стојан кој е добар човек, верник и кој прави многу добри работи и им помага на Митреви. Ги средивме собите, ги бојадисавме и уредивме, земавме кревети, ја плативме киријата, а обезбедивме и дрва, изјави Зоран Бочкароски – претседател на Македонската православна социјална служба од Сиднеј.


Зоран Бочкароски

Бочкароски најави дека во рамки на можностите организацијата и во иднина ќе го помага семејството Митреви и упати апел до сите добри луѓе, да го направат истото.



Митреви во новиот дом влегоа со благослов од свештеникот Ромео Петрески, парох во црквата Св. Троица во населбата Радојца Новичиќ во Охрид, кој изврши осветување на просториите. Тој и самиот долги години несебично го помага ова семејство.

– Со Ацо и Босилка сум пријател долго време. Нашето прво видување беше кога го забележав Ацо со една искршена количка,  а јас тогаш  имав колички за давање од мојата црква која има свој мал фонд за помош. Го замолив Ацо да му помогнам, тој прифати и така веќе 14-15 години. Колку што можам лично, преку црквата, пријатели и роднини, му помагам на ова семејство, рече свештеникот Ромео Петрески.


Митреви, кои живеат од минимална социјална помош,  не го криеја задоволството, што по подолго време повторно ја почувствуваа топлината на домот, а најмногу се среќни заради трите малолетни деца, кои сега ќе имаат подобри услови  за живот и школување.

– Им заблагодарувам на сите што ми помогнаа, што ми обезбедија куќа за живеење, истакна Ацо Митрев.


Со помош од Австралија охридското семејство Митреви доби топол дом

Помошта до Митреви стигна благодарение на медиумската сторија за нив што ја објавија „OhridNews“ и телевизијата „Телма“, која ја разбуди хуманоста кај многу добри луѓе, но сепак, за долгорочно решавање на проблемот на ова социјално загрозено семејство потребен е соодветен одговор од надлежните  институции кој засега изостанува.

Горан Момироски