Верниците од исламска вероисповед изминатата недела го започнаа рамазанскиот пост кој трае 29 денови, а завршува со најголемиот муслимански празник Рамазан-Бајрам. За овој празник врзани се низа традиции, обичаи и обреди, а исламското учење вели дека во светиот месец Рамазан е објавена книгата Куран.
Според исламското учење, во Рамазан почнува слегувањето на Куранот од Господ, период од 23 години во кој верниците треба да сфатат како да ја користат светата книга, како да веруваат, да научат повеќе за обредите, молитвите, односно како да си помагаат меѓу себе.
„Господ ни посвети мисија на сите нас, која се наоѓа во самата срж, а тоа љубота. Главната мисија е да го сакаме Господ и да гаиме пријателство меѓу луѓето. Ако некој ја прифати таа верба, треба да прифати дека Господ е еден, да ги прифати сите пророци кои биле, да верува во она што е напишано во Куранот. Човек треба еден месец да пости, да оди на аџилак, да се клања пет пати дневно плус дополнително во петок, да помага ако е богат, односно една четириестина од своето богатство да го сподели со сиромасите. Овие се едни од точките кои треба да ги направиме и позади кои мораме да стоиме ако сме вистински верници.“ – вели турскиот оџа Исмаил Дурна.
Постот како школо кое го поттикнува моралното и духовното
Куранот содржи многу важен „ајет“, во кој е запишано дека постот е даден како подарок од Господ за да ги зближи верниците. Како што објаснува Дурна, главните работи на постот во Исламот се воздржување од физичките задоволства кои ги носи денешницата, односно духовно чистење на срцето и умот.
„Постот е школо кое учи на многу добри работи. Воглавно, за време на постот потребно е да се воздржуваме од јадење, пиење и сексуални односи. Освен овие морални начела, тука се и духовните потреби за чистење на срцето од лоши работи, лажење, лошо однесување, прељуба и пороци. Со постите се надградуваме духовно и се приближуваме кон Алах, не само индивидуално, туку и колектливно. Во Исламот, доброто однесување, помагањето на сиромашните, сираците и постарите, претставува чистење на душата од грешките. Оние кои грешат, можат да најдат спас ако излезат на правиот пат. Како што сите луѓе сме различни, така сите можеме да побараме спас од Алах. Но тоа барање, не треба да значи дека повторно треба да ги правиме истите грешки.“ – објаснува Дурна.
Преку пост до сплотување на класните разлики
Една од целите на постот е да се сплотат класните разлики, односно на исто рамниште да се доведат сиромашните и богатите. Како што вели Дурна, богатството се наоѓа во човековите срца и очи.
„Во рамазанскиот пост, една од точките е побогатиот да слезе до онаа степеница на која што живее сиромавиот. Тоа не подучува да си помагаме едни со други. Во суштина, сиромаштијата и богатството е само тест од Господ. На пример во Турција, правите верници не гледаат дали сиромавиот или оној на кој му е потребна помош е од исламска вероисповед. Помош се дава на секого, без разлика на верата. Со тоа, даваме стимулт и поттик сите да продолжат да го прават тоа и да помогнат некому.“ – вели Дурна.
Молитви во текот на денот
Карактеристични за муслиманите се петте молитви во текот на денот. После вечерната, постои уште една молитва Теравија, која се состои од 20 рехијати и се клања само во овој месец. Како што вели Дурна, во последните десет денови од постот луѓето се самоиспитуваат и осознаваат за своите грешки и маани.
„Се создава тема на самоиспитување за тоа кои се нашите грешки преку читање на Куранот. Тука се и петте молитвни во текот на денот плус една дополнителна преку која стануваме почисти. Се преиспитуваме кои ни се маните и што не треба да правиме. Со тоа се приближуваме и до Алах. Петочната молитва е правење на голем себап, односно со повеќе верба се внесуваме кон правиот пат.“ – потенцира Дурна.
Рамазан-Бајрам
Со последниот ден од постот, завршува светиот месец Рамазан. Пред Рамазан Бајрам, утрото се конзумира благо, претежно слатко, додека баклавата не е задолжителна.
„Утрото имаме бајрамска молитва, кога масовно се посетуваат џамиите. Се облекуваат најубавите работи како за на слава, а се излегува со тегбир. После молитвата, се честита празникот и се смируваат скараните, како што е Прочка кај христијаните. Потоа се доручкува во домашен амбиент со потесниот круг на семејството, се посетуваат гробиштата, каде се молиме за душите на починатите. Оттаму се враќаме дома, ќе ги израдуваме најблиските со подарок, односно ќе ги посетиме постарите, најблиските, роднините, комшиите… Трпезите се различни, а покрај слаткото и баклавата, во Анадолија од каде што доаѓам, се припремаат традиционални јадења како кураби и сарми, кои специјално се приготвуваат за празникот.“ – истакнува Дурна.
O.T.
Толкување од турски на македонски јазик: Cengiz Zade