„Во Рамазан почнува слегувањето на Куранот од Господ, период од 23 години во кој верниците треба да сфатат како да ја користат светата книга, како да веруваат, да научат повеќе за обредите, молитивите, односно како да си помагаат меѓу себе.“ – вели турскиот оџа Исмаил Дурна.
Според исламското учење, деновите се пресметуваат по месечината, додека молитивите по сонцето. Како што објаснува Дурна, Куранот содржи многу важен „ајет“, во кој е запишано дека постот е даден како подарок од Господ за да ги зближи верниците.
„Со постот треба да се заштитиме од лошите работи, како прељуба, лажење и пороци, односно физички задоволства кои ги носи денешницата. Постот со кој не се јаде и пие, започнува два часа пред изгрејсонце, а трае до неговото заоѓање. Месецот Рамазан, во суштина го гледаме како една школа, која треба да се применува низ целиот живот, школа со која се поттикнува моралното и духовното во човекот. Многу е важно да се напомене, дека луѓето кои се болни и примаат лекарства се ослободени од постот. Туќа ќе ги вброиме и жените во менструален циклус, старите и изнемоштени лица, како и оние кои одат на делечен пат.“ – истакнува Дурна.
Меѓу целите на постот е на еден начин да се сплотат класните разлики, односно на исто рамниште да се доведат сиромашните и богатите.
„На пример, богат човек никогаш не почуствувал како е да се биде сиромашен, гладен или жеден. Во овој месец, тие тоа го осознаваат. Во суштина, тоа значи сплотување на класите и сталежите. Богатите се обврзани, еднаш годишно да одвојат по 2,5 отсто од своето богатство и да го поделат на оние кои немаат. Исто така, сиромавиот не мора да е од исламска вероисповед за да добие помош.“ – додава Дурна.
Карактеристични за муслиманите се петте молитви во текот на денот. Дурна истакнува дека после вечерната, постои уште една молитва Теравија, која се состои од 20 рехијати и се клања само во овој месец.
„Молитвите во овој месец стануваат поинтензивни. После вечерната молитва, има уште една која е единствена за Рамазан. Тогаш луѓето стануваат поблиски, бидејќи пред и по молитвата, народот разговара со имамот или оџата, а човекот станува поголем верник.“ – вели Дурна.
Во Анадолија, од каде што доаѓа Дурна, постои заемно почитување помеѓу верниците од христијанска и исламска вероисповед за време на најголемите верски празници. Во текот на месецот Рамазан, домашните трпези се богати со храна, исклучиво во вечерните часови.
„Нема некои задолжителни специјалитети, но тогаш проработува она традиционалното. Жените стануваат повешти во готвење, а подготвуваат она што ретко се служи на софрата. Но истата таа трпеза, треба да биде направена по Халал системот и во никој случај да не соддржи алкохол. Пред Рамазан Бајрам, утрото се конзумира благо, претежно слатко, додека баклавата не е задолжителна. После молитвата, прво се доручкува во домашен амбиент, па се оди на гробишта, каде се молиме за душите на починатите. Оттаму, се враќаме дома, а потоа се почнува со посетите, односно искажување чест кон постарите, најблиските роднини, комшиите и на крај другарите. Во секој случај, традицијата во Анадолија и тука е делумно иста.“ – истакнува Дурна.
Според него, без разлика на верската и национална припадност, соживотот во Охрид и насекаде мора да остане, а луѓето треба да научат да не ги бараат различностите, туку да ги согледаат допирните точки.
„Посакувам да има живот каде нема да има војни, кавги, односно да биде тоа свет во мир, каде иако сме различни, ќе продолжиме да ги бараме оние добри точки, сличности и начела кои заеднички ќе не одведат кон подобар живот. На муслиманскиот свет му пожелувам да продолжи да живее со тие закони, односно како што успева да воздржува во светиот месец Рамазан, така да продолжи и во текот на животот.“ – завршува Дурна.