Препознавајќи го бенефитот и хуманата страна од купувањето на уличното списание „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“, охридскиот лајонс клуб Десарети од денес започнува со континуирано, годишно помагање на неколку социјално-ранливи семејства од Охрид, преку годишна претплата на неколку броја од ова списание.

„Лице в лице“ е улично списание кое третира општествено-одговорни теми од повеќе области на живеењето, а го продаваат маргинализирани групи и поединци. Магазинот го промовира моделот на социјално претприемништво, а тоа  значи дека од секој продаден број (кој чини 100 денари), половина од сумата е наменета за продавачот, а останатата половина се вложува за печатење и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.

Уличното списание „Лице  в лице“, кое го издава Центарот за медиумски активности од Скопје, во земјава излегува од септември 2012, а Црвен крст Охрид е партнер на Центарот за поддршка и координација на продавачите на магазинот во нашиот град. Од општинскиот Црвен крст ги повикуваат и остантатите субјекти од корпоративниот сектор на овој начин да ја покажат својата оштествената одговорност и преку годишна претплата на списанието „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ да го помогнат и олеснат животот на ранливите-маргинализирани лица од Охрид.

OhridNews