Со претставата „Бара“ на театарската група при Црвен крст Охрид вечер во предворјето на црквата „Света Софија“ почнува осмото издание на Аматерскиот младински театарски фестивал „Вдиши театар“.
Претставата „Бара“ е исповед на жртвите на еден систем и нивните животни предизвици. Сценариото и режијата се на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованска Сион Доленц.
Една од одликите на овој фестивал е што драмските текстови се секогаш наши, а младите во текот на пробите учествуваат со свои идеи кои се вклопуваат во самиот текст, вели Блажеска, додавајќи дека „Бара“ во основа е метафора за застоено, мочуриште, блато, но од друга страна е барање за нешто пододбро, барање од застоеноста да се оди во свежина, во нешто нормално.
Во текстот имаме три паралелни приказни. Навидум различни, но во основа сите ги поврзува една заедничка голгота низ која поминуваат борејќи се со институциите. Идејата беше да се прикаже колку нефункционирањето на институциите влијае на животот на поединецот денес. Сакавме да нагласиме дека не треба вината секогаш да ја бараме кај некој друг, зошто сите ние сме општетсво и држава и вината е во сите нас, бидејќи прифаќаме се што ни се сервира, па дури и во некои ситуации и самите учествуваме во таа ерозија на системот. Целата идеја на драмата можеби е трагична, но покажува како завржуваат кај нас оние ретки кои ќе се осмелат да го кренат гласот против нефункционирањето на институциите, партизацијата, неспособноста, хаосот, мобингот, насислството. И за жал не е фикција ова, ова е нашето секојдневие. Целта ни беше дa покажаме дека можеме и има надеж ако барем малку ги поддржиме оние кои ќе се осмелат да го кренат својот глас. Младинците со кои работиме доста се запознаени со сето ова, колку ги следат работите и размислуваат со своја глава, вели Блажеска.
Дел од актерската екипа се и Сара Петкоска, Софија Јаковлева и Ѓорѓи Целески кои велат ги следеле насоките, но имале и свои замисли бидејќи се доволни возрасни за да гледаат што се случува околу нас, а транзицијата од една во друга улога ја совладеле со добра подготвеност и се надеваат дека успешно ќе ги одиграат своите улоги.
- Ја играм улогата на новинарка која е доста праведна, упорна и бунтовна. Се бори на еден праведен начин да ги прикаже неправдите кои се случуваат во општеството и да ги осветли случаите на жртвите во системот. Преку мојата улога се надевам дека ќе ги поттикнам гледачите да бидат гласни, да не премолчуваат, да се борат за подобрување на животот во сите општествени сфери, вели Петкоска.
- Ги толкувам двете улоги на Тања и Линда, каде Тања е лик која недоволно се бори во својот живот, трпи насилство од страна на нејзиниот сопруг и е потисната од ова општество, додека Линда е лик кој може да се пронајде во секоја институција во денешно време за жал и на некој начин повеќе ги вреднуваат таквите личности од оние кои навистина вредат, вели Јаковлева.
- Во претставата ги толкувам улогите на Петар и полицаец. Петар е угледен човек, кој всушнот е семеен насилник и е негативец и за жал многу од мажите во денешното општество може да се најдат во ово ј лик и е претставено како љубомората сеуште преовладува над разумот. Додека во другата улога, полицаец кој не ја извршува својата должност е претставено општетсвото, институциите и тие кои работат во нив, вели Целески.
Терзиоска напоменува дека овојпат во текот на фестивалот ќе имаат гости од сите збратимени градови, Бар, Ужице, Крагуевац, Суботица и Требиње, а со свои претстави со волонтери од Црвен крст учество ќе земат Суботица и Крагуевац.
Програмата започнува со нашата претстава „Бара“, а продолжува следните три дена. Утре со почеток во 21 часот во предворјето на црквата ќе настапат актерите од Црвен крст Суботица со претставата за врсничко насилство и последиците од него „Била је то само игра“ во режија на Марко Вујевиќ. Додека на 16-ти јуни со почеток во 20 часот ќе настапат волонтерите од Црвен крст Крагуевац со претставата „Твоју грешку чекају“ од Татјана Џаковиќ, во режија на Лазар Јовичиќ, додава Терзиоска.
Напоменува дека со оглед на временските услови можна е промена на локацијата за што дополнително ќе ги известат заинтересираните на нивните социјални мрежи.
Ги покануваме сите заинтересирани да дојдат да вдишат доза театар, да уживаат во актерската игра на младите волонтери кои испраќаат многу јаки пораки за хуманост, љубов, правда, надеж, потенцира Терзиоска.

Н.С.Ј.















