Со бесплатни здравствени прегледи денеска Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ традиционално го одбележа Светскиот ден на срцето.
На градскиот плоштад во Охрид, стотици граѓани и туристи изршија основни превентивни прегледи, односно добија стручни совети како да го променат начинот на живеeње со цел заштита на срцето и крвните садови.
„Веќе петта година по ред ја правиме оваа акција со бесплатни прегледи да го одбележиме светскиот Ден на срцето. Во изминатите години во просек се прегледуваа над 200 граѓани или туристи, а годинава до овој момент се прегледаа 120 лица, од кои половина беа странци. Доколку кај некој се забележат наоди кои укажуваат на потреба од подетален преглед ние тие пациенти ги советуваме да го посетат ”Заводот” за подетално да бидат прегледани и да се отстрани секоја опасност по нивното здравје.“ – рече д-р Марија Зимбова од Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“.
Градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека доколку се најде абнормален наод при прегледи, лицата се советуваат да направат дополнителни иследувања.
„Ова е една од нај корисните општествено одговорни активности кои се изведуваат во Охрид. Јас сум горд што нашиот град со конкретни мерки се вклучува да се обезбеди солидна здравствена насока и заштита на граѓаните на Охрид. Уште еднаш ја изразувам благодарноста до Заводот, докторите и персоналот кои активно се вклучија во изведувањето на оваа активност, како и до екипите на Црвен Крст.“ – истакна Бакрачески.
Инаку, генерален покровител на настанот беше општина Охрид.
OhridNews