Со пригодна свеченост вчеравечер ООУ „Свети Климент Охридски“ во  НУ Центар за култура „Григор Прличев” го одбележа патрониот празник. Програмата започна со продажна акција, по што следеше свечената програма со обраќање на директорот Јордан Пуроски, доделување на награди и музички изведби на учениците.

Чувствуваме долг да го оствариме сонот на Свети Климент Охридски, народот да се просветли, животот да биде полесен. Животниот пат го потрошил на тоа, затоа и товарот наш е тежок. Но, силата станува се поголема да си ја заштитиме нашата самобитност и да ја одбраниме од злите јазици кои и ден денес не косат. Вербата дека ќе дојде подобра иднина не не напушта, зошто тој не чува од сите зла, рече во обраќањето пред присутните Пуроски.

Како училиште со долга традиција ние секоја наредна година сме поуспешни, ја негуваме традицијата, но ја поврзуваме и со новото време. Сега како современо училиште, ги следиме сите современи модели на поучување, создаваме услови за современа настава. Модерно училиште во кое учат среќни деца зошто тука поминува нивното детството. Целата работа на наставниот кадар е посветена на учениците, не како бројка туку како личности кои треба целосно да пораснат во нивните раце, да се изградат во добри и морални личности и да се понесат со се што е најдобро и корисно за нив во иднина, истакна Пуроски.

Тешко е да се остане на врвот, но кај нас тоа стана пракса, додаде Пуроски, потенцирајќи дека многу години се посветени на обезбедување подобри услови и можности за учениците.

Низ сите тимови во училиштето се подготвуваат активности кои ќе внесат поинаква слика за едно училиште. Преку вклучување на учениците во разни настани да ги покажат своите способности. Децата за нас се големи личности. Сите вечерва ќе ги почувствуваме звуците на нивното детство, се со една цел да останат убави спомени кои ќе се паметат долго, додаде Пуроски.

Со пригодна свеченост ООУ „Свети Климент Охридски“ го одбележа патрониот празник

Во рамките на одблежеување на празникот во четврток на 8-ми декември ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во дворот на училиштето.

Н.С.Ј.

Фото. Ива Јовановиќ