Денес, во новата учебна 2017/2018 година стартуваа 4816 основци и 2052 средношколци. Централната свеченост по повод почетокот на учебната година се одржа во основното училиште „Христо Узунов“.

На свеченоста присуствуваше и се обрати градоначалникот Никола Бакрачески, кој истакна дека возбудата што ја носи првиот учебен ден, е подеднакво присутна кај децата, родителите и наставничкиот кадар, зато што сите се свесни дека се пред првиот исчекор во образованието и подигнувањето на нова генерација на ученици.

– Јас сакам од овде да  испратам една порака: За децата – и понатака  бидете безгрижни, насмеани, разиграни, љубопитни; За родителите од денес покрај нивната безгранична љубов кон најмилите, да се “вооружат“ со многу повеќе такт, смиреност и добра воља, кога ќе ги совладуваат првите лекции со своите првачиња; За учителите, наставниците и професорите, само ќе посакам да ја имаат истата посветеност и мотивираност и за оваа генерација, како и за претходните кои ги образуваа и подигна како успешни ученици. Локалната власт вложува максимални напори,  тоа несомнено ќе го правиме и во иднина – да обезбедиме оптимални услови за работа во училишата во нашата општина и непречено и квалитетно одвивање на воспитно образовниот процес. Во изминативе четири години инвестиравме во скоро сите општински училишта, а успеавме да формираме и нови образовни институции, со кои ги проширивме можностите во стекнувањето на нови знаења и квлификации, рече градоначалникот Бакрачески.

Директорот на ОУ “Христо Узунов“, Тони Симоноски на првоодделенците им посака среќен и успешен почеток на нивното образование, при тоа истакнувајќи дека тие се максимално подготвени за новата учебна година.

– Оваа воспитно образовна установа, успешно се носи со големите промени во образовниот систем во државата и сигурно е дека ќе ви ги овозможи сите потребни услови за непречено стекнување на знаењата, кои ќе ви бидат основа за понатамошното повисоко образование. Со максимално залагање на вашите наставници, од ова училиште ќе излезете подготвени да се соочите и успешно да ги совладате сите предзвици кои ве очекуваат во животот – рече Симоноски.

Свеченоста беше одбележана и со чинот на доделување на пригоден подарок за Христина Митреска  од страна на градоначалникот Бакрачески, за освоеното трето место на Балканската олимпијада по математика што се одржа во јуни во Бугарија. Младата Христина Митреска основното образование го заврши минатата година во ОУ “Христо Узунов“, а во декември ќе ги брани боите на Македонија на Меѓународната олимпијада по природни науки, што ќе се оддржи во Холандија.

Во новата учебна година во сите основни училишта во Охрид се запишани 495 првооделенци, од кои 102 првачиња во ОУ “Христо Узунов“.

OhridNews