Професори и вработени од Факултетот за туризам и угостителство, претставници од Правниот факултет во Кичево, студенти, магистранти, докторанти и членови на семејството, присуствуваа на комеморацијата што по повод смртта на проф. д-р Миладин Крстаноски(66) се одржа претпладнево во просториите на ФТУ Охрид.

Говорејќи за творештво на професорот Крстаноски, проф. д-р Пере Аслимоски се осврна на неговата посветеност во оброзовната и научна истражувачка дејност, оставајќи зад себе 50 книги од областа на правото и повеќе од 100 научни и стручни трудови објавени во РМ и странство.

Има моменти како сегашниот, кога ми е тешко да најдам вистински зборови и начини за да ја изразам мојата емотивна и мисловна состојба предизвикана од загубата на нашиот драг и сакан професор, Миладин Крстаноски. Се собравме тука да ја споделиме нашата тага и болка, но уште повеќе да ја изразиме нашата почит и гордост, затоа што ни остави една богата животна приказна облагодарена со хуманост, богато искуство, мудрост, знаење, посветеност на професијата и луѓето кои го опкружуваа и други препознатливи вредности, својствени само нему и достојни за спомен и вечно паметење.“ – рече Аслимоски.

Проф. д-р Миладин Крстаноски во својата кариера работел во “Отекс” Охрид, бил секретар во печатница “Коста Абрашевиќ” –Охрид, директор на општ сектор во фабриката “Борис Кидрич”- Струга, секретар на ГП “Трудбеник”- Охрид, претседател на Судот за прекршоци -Охрид, Општествен правобранител на самоуправувањето –Охрид и директор на Казнено-поправната установа –Затвор Охрид. Во 1995 година е избран за професор на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид по група на правни предмети на сите насоки каде работеше со звање редовен професор.

Ми се падна многу тешка и чесна задача, да зборувам за мојот омилен професор и ментор, проф. д-р Миладин Крстаноски алијас Миладин Кураички. Секојдневно во неговата канцеларија ме пречекуваше мислата која стоеше десно од него „најубавиот утрешен ден нема да ни го врати вчерашниот“. Ова е голема филозофија која сите треба да ја живееме. Животот е како песна, велеше, за оној кој знае да ја испее. Според она што го живееше и направи, ја отпеа на негов својствен и уникатен начин. Се работи за еден плоден професор, кој навистина ќе ни недостига, но ќе ни дава пат како да ги правиме понатака нашите работи.“ – рече проф. д-р Ристо Речкоски.

Во својот плоден работен век проф. д-р Миладин Крстаноски вршел и други општествено-политички и стручни функции како претседател на Социјалистички сојуз на општина Охрид, претседател на здружението на пенолозите на Р.Македонија, претседател на културно-просветна заедница-Охрид, член на Комисијата за условен отпуст при Министерството за правда на Р.Македонија, бил член на други комисии за изработка на позитивно-правни прописи од областа на кривичното право и извршувањето на кривичните санкции и друго.

Ми беше идол, мој најдобар пријател, татко кој го посакува секој, грижлив, топол, посебен. Иако беше човек со цврст став, никогаш не бараше од нас да правиме како што тој сметаше дека е исправно. Едноставно ги почитуваше нашите одлуки и не почитуваше во се. Многу ќе ми недостасува твојата топлина и твојата заштита. Но ќе се научам да живеам со таа празнина, но нема да тагувам. Секогаш велеше, не е важно колку ќе живееш, туку како. Се гордееме што те имавме, ќе те споменуваме и да знаеш дека вечно ќе те сакаме, мој ценет татко, проф. д-р Миладин Крстаноски.“ – рече неговата ќерка, проф. д-р Ангела Василевска.

Проф. д-р Миладин Крстаноски дипломира на универзитет “Св. “Кирил и Методиј“ Правен факултет- Скопје во 1975 година и се стекнува со звањето дипл. правник • 1980 година го положил Правосудниот испит. Последипломски студии: магистрира на Универзитетот Св. “Кирил и Методиј“ Правен факултет –Скопје на Катедрата за кривично право и криминологија и се стекнува со звање магистер по правни науки; Докторската дисертација во кривичното право и криминологила ја брани на Правниот факултет во Скопје при Универзитет “Св. “Кирил и Медодиј“ “-и се стекнува со звање доктор по правни науки.

Добитник е на највисокото општинско признание, наградата Свети Климент Охридски – патрон на градот, за животно дело во 2008 година. Автор е на 50 книги од областа на правото и повеќе од 100 научни и стручни трудови објавени во Р. М и странство.

Крстаноски досега објавувал и повеќе статии во “Млад борец”, “Студенски збор”, “Нова Македонија”, “Дневник”, “Пулс”, “Фокус” и др.

O.T.