Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, вчера, во рамки на работните активности во Охрид, ги посети Основното училиште „Христо Узунов“ и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, каде што се реализираат проекти имплементирани од страна на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Министерот Милевски, од страна на раководителот на Центарот за развој, Мирјана Лозаноска, беше запознаен со интервенциите кои беа направени во ОУ Христо Узунов, а со цел да се подобри енергетската ефикасност на овој училишен објект. Притоа, од страна на корисниците беше истакнато дека објектот добива нова слика со сите зафати што се реализирани преку Регионот и локалната самоуправа.

Енергетската ефикасност е подигната за околу 30 проценти, така што и наставниот кадар и учениците ќе имаат далеку подобри услови за работа и престој. Покрај овој објект интервенции за подобрување на ефикасноста на јавните објекти, во рамките на регионалните проекти за 2020 реализирани од Центарот за развој, извршени се и на два објекти во Струга, Вевчани, Дебрца, Дебар и Кичево во вкупна вредност од 17 милиони денари.

Во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо, преку проект на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, поддржан од страна на Министерството за локала самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка се реконструира базенот за физикална терапија. Директорот на оваа здравствена установа, Ацо Велески во разговорот со Министерот Горан Милевски, истакна дека со оваа инвестиција значајно ќе се подобрат услугите за пациентите на кои им е потреба физикална терапија, како и за лекување одредени деформитети што се појавуваат кај младата популација.

Раководителот на Центарот за развој, Лозаноска нагласи дека со проектот во вредност од 8 милиони денари ќе се извршат интервенции во машинскиот дел, електричните инсталации и на архитектурата на објектот со цел истиот да биде целосно функционален до кракој на април оваа година.

Министерот Милевски, искажа задоволство од работата на Центарот за развој и подвлече дека Министерството за локална самоуправа целосно ги поддржува овие институции како значајни фактори на регионалната политика во државата.

Инаку, годинава Центарот за развој на Југозападниот плански регион, очекува да бидат потпишани неколку договори преку кои ќе бидат инвестирани над 40 милиони денари во подобрување на енергетската ефикасност и патната инфраструктура во Регионот.

OhridNews