Челични конструкции колку 11 катници се спуштаат во земјата за да се стабилизира земјиштето и изгради најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево кај Ботун.

Стабилизацијата ќе оди со една специјална техника којашто, кога ќе се изгради автопатот, за жал никој веќе нема да може да ја види и затоа сакавме денеска да ја презентираме. Во моментов се ангажирани три машини, секоја со тежина од околу 130 тони, а се очекува да пристигнат уште две до пет такви машини. Машините навлегуваат на длабочина од 20 до 28 метри, што е еквивалентно на висина од околу седум до 11 ката. Се спуштаат арматурни кафези од кои секој тежи по 30 тона железно и истите после тоа се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и челични јажиња коишто ги држат едните со другите и практично ние под земјата создаваме една целосна структура којашто треба да ја држи основата на автопатот, рече Николоски.
Вакви решенија, потенцираше, ќе се направат вкупно 250 на автопатот Охрид-Кичево, од коишто 163 ќе се кај Ботун, а останатите се на останатиот дел од автопатот, вклучувајќи и кај Кнежино кај Кичево.
И на овој начин се решава најтешкиот дел од автопатот. Ако галериите се најатрактивниот дел од автопатот и се едно инженерско чудо, затоа што навистина и атрактивно изгледаат, но и ја стабилизираат земјата, ова е убедливо инженерски најтешкиот дел и ова е дел којшто претставува новина не само во Македонија, туку во целиот регион, истакна Николоски.

Врз основа на тие гео-истражувања, направени се два клучни проекти за стабилизација, едниот е со галериите, а вториот со бетонски столбови длабоко во земјата по 20-тина метри. Во Ботун се прави стабилизација со бетонските столбови. Овој проект е правен од страна на ГИМ во координација, во консултација, во соработка со инженерите од Кина. На овој начин сметаме, или сметаат проектантите, дека ќе имаме сигурна стабилизација на косините на оваа делница кај Ботун. Иако ова е навистина карактеристична планина којашто се одликува со доста подземни води, што е посебно ризично и со графитен материја, којшто во допир со водата почнува да се распаѓа, сметаме дека ова е решението за стабилизирање на косините, додаде Трајановски.
Од вкупната должина на автопатот Охрид-Кичево, 57 километри, до денес се изградени 37 од кои 34 се веќе во функција.
Не сакам да одам со конкретен датум, но нека е еве во следните два месеци ќе го отвориме, би рекол најкомплицираниот дел, тоа е делот на тунелите кај Пресека, коишто се најдолги тунели во Македонија. Две цевки има, едната тунелска цевка е 2,1 километар втората цевка 1,9 километри. На тоа имаме дополнително уште пет галерии, од коишто четири се готови, така што тој најтежок дел којшто ќе оди од после Кичево до Врбјани од околу 10 километри ќе биде ставен во функција во следните два месеци, што значи дека ќе имаме веќе функционални во тој момент 47 километри. И остануваат уште 10 километри коишто се нешто над Кичево и главно овде каде што сме денес, Ботун, рече Николоски.

Н.СЈ.
фото. А. Момироска
























