Општина Струга со државни пари ќе купува специјална машина за третирање на отпадот од дивата депонија во близина на градот, кој според најавите ќе се одлага во депонијата Дрисла. Фирмата ангажирана за оваа намена не одговорила на барањата, по што владата во декември предвидените средства во висина од 200.000 евра ги префрлила на сметка на општина Струга.

– Правиме тендерска документација за купување на таа машинерија со 4 контејнери со капацитет за балирање од 25 тони смет, односно 40 кубици. За тој пункт ќе одредиме локација,  можеби ќе го комбинираме со општина Охрид, заеднички да го работиме и сметот ќе оди во Дрисла, вели градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

За целосно решение на проблемот останува изградбата на регионална депонија, за што општините во Југозападниот плански регион никако не можат да се договорат.

Општина Дебрца, која според студијата изработена со средства од ЕУ беше посочена како најидеална локација, референдумски ја отфрли таквата можност. Мерко бара владата да пресече. Како што изјави градоначалникот на општина Дебрца на почетокот на овој месец, останува ставот да не се гради регионална депонија во Дебрца поради добро познати причини и дека регионот е дел од сливното подрачје на Охридското Езеро кое е под заштита на УНЕСКО.

– Бидејќи општините не можат да се справат треба некој од повисока инстанца да даде упатства, односно наредби како да се справиме со сметот. Земјиштето е државно и државата треба да одреди место за регионакна депонија. – вели Мерко.

Во меѓувреме општина Струга во соработка со ЕЛЕМ планира чистење на коритото на реката Дрим од насобраната тиња која ќе биде искористена за покривање на местото каде сега се наоѓа дивата депонија, откако најпрвин таа ќе биде исчистена, а повеќе компании пројавиле интерес за експлоатација на гасот кој се создава од депонијата.

Горан Момироски