Охридските пратеници д- р Сашо Василевски и Александар Николоски денес остварија средба со раководството на „Охридско лето“ со цел, на неколку дена до почетокот на фестивалот,  да добијат информација околу текот на подготовките за најновото издание.

Со задоволство можам да кажам дека „Охридско лето“ годинава ќе брилира со програмата која е предвидена. Ветеното околу изградба на покривните конструкции успешно е реализирано со што фестивалот доби сцени според светски стандарди. Идната година е предвидено и уредување на просторите околу сцените, изјави пратеникот Сашо Василевски.

Пратеникот Александар Николоски потенцира дека заложбите на охридските пратеници во наредните 4 години ќе бидат во насока на подршка и развој на културата во Охрид.

Ветуваме дека ќе се залагаме Охрид да добие репрезентативен затворен објект  за потребите на иституциите од областа на културата. Постојниот простор, да се надгради, модернизира и Охрид ,Охридско лето, Библиотеката и Театарот  да добијат една поубава и порепрезентативна зграда, рече Николоски.

Директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкулоска потенцира дека подготовките за фестивалот течат според предвиденото и дека со подршка на надлежните државни институции биле исплатени долговите на националната установа.

– Во изминатиот период се концентриравме на две полиња- средување на сите прашања поврзани со финансиските обврски на установата, како и на реализацијата на уште поуспешна програма. „ Охридско лето“  започнува една нова приказна, квалитетна и врвна програма , светска сцена и услови за настап, рече директорката Јанкулоска.

Јанкулоска потенцира дека по настапот на врвните реномирани уметници на фестивалот, светските ѕвезди го гледаат Охрид поразлично- како место на кое е предизвик да се учествува.

Најновото, 54- то издание на фестивалот „Охридско лето“  на сцената на Антички театар ќе биде отворено на 12 јули со голем спектакл на оперската дива, Барбара Фритоли, и еден од најголемите баритони на денешницата, Лео Нучи, во придружба на Македонската филхармонија.

Во текот на фестивалот на сцената на Антички театар ќе се одржат и низа други концерти кои се очекува дека ќе го привлечат вниманието на публиката. Меѓу нив е и најавениот спектакл, настапот на феноменалниот интернационален вокално-театарски перфоманс, The Voca People, кој ќе се одржи на 1-ви август .

Т.К.