Белгиската влада ќе финансира изработка на студија со која се очекува дека ќе биде конечно решен проблемот со изградбата на регионалната депонија .

Како што информира министерот за животна средина, Абдилаќим Адеми, деновиве е потпишан договор со владата на Белгија која ќе финансира студија за изнаоѓање решние за регионална депонија и управувањето со отпад.

Се надевам дека за три месеци ќе имаме конечно решение како треба да изгледа концептот за депонијата, која локација да се избере и како ќе се управуава со отпадот, изјави министерот Адеми.

Тој потенцира дека за решавање на проблемот надлежни се и локалните самоуправи,  а министерството се јавува во улога на координатор и надлежна институција за управување со отпад.

Ќе им помогнеме на општините и регионот се со цел да се најде соодветно решение. Веќе имаме позитивни искуства во управувањето со отпадот во југоисточниот и полошкиот регион. Измените на Законот за управување со отпад се веќе усвоени и согласно тоа се формирани регионални тела за управување со отпад. На тој начин создаваме регионален пристап за управувањето, бидејќи поради неисплатливоста, една општина не може сама да го реши проблемот, вели Адеми.

Студијата треба да покаже која локација е погодна за регионална депонија, независно дали ќе се оди по пат на издавање под концесија или општините ќе одлучат да ја градат депонијата.

OhridNews