Со пригодни свечености на Факултетот за туризам и угостителство и Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ започна новата академска година.

На првиот час во УИНТ „Св. Апостол Павле“ присуствуваше и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој пред присутните потенцира дека задоволство е да се биде во културната и духовна престолнина, во Охрид и во универзитетот и дека особено задоволство му причинува што голем број млади луѓе одлучиле да се едуцираат во професиите на иднината.


Според научникот Ричард Флорида, тајната на успехот е втемелена врз толеранцијата, талентот и технологијата. Македонија има вековна традиција на првите две- толеранцијата и талентот. Во изминатите години се повеќе сме посветени и на развивањето на третата компонента- технологијата. Еден од најважните академски центри во Македонија, каде на едно место можат да се најдат сите три елементи на равенката за успехот е токму овој Универзитет, рече Претседателот Ѓорѓе Иванов.


Новите студенти ги поздрави и ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“, Проф. Д- р Нинослав Марина, кој им порача дека запишувањето на унивезритетот за нив претставува одлична можност за остварување на нивните соништа и потенцијали.

Свеченост по повод почетокот на новата академска година се оддржа и на Факултетот за туризам и угостителство.Деканот на факултетот Проф. Д- р Сашо Коруновски искажа задоволство од покажаниот интерес и бројот на запишани нови студенти.


Како што информира Проф. д- р Коруновски, во двата уписни рока исполнети се сите слободни места, а за третиот уписен рок останати се само уште неколку слободни места за дисперзираните студии.


Тоа потврдува дека интересот за факултетот и покрај огромната конкуренција е константен. Тоа зборува дека нудиме квалитетни програми кои побудуваат интерес кај идните студенти. И оваа година најголем интерес за запишување имаше на насоките туризам, царина и шпедиција, рече деканот Коруновски.Тој на новите студенти им порача дека ги очекува многу работа, последователно на тоа и многу успеси, како и фер и коректен однос од страна на вработените.

Во новата академска година на сите јавни и приватни високообразовни установи во Македонија, во прва година се запишани приближно 17.000 студенти на повеќе од 400 различни студиски програми. Според првичните податоци на Министерството за образование и наука, има зголемување на бројот на новозапишани студенти на студиските програми од областа на техничките и природно-математичките науки.

На јавните универзитети денеска е и третиот уписен рок за прва година во 2012/2013.

Т. Кувенџиска