Со свечена програма што се одржа во големата општинска сала започна одбележувањето на 11 Октомври- Денот на народното востание.
Пред бројната публика пригодно обраќање имаше градоначалникот на Охрид , Јован Стојаноски кој рече дека четиригодишната народно-ослободителна епопеја на македонскиот народ во Втората светска војна, ги поставила темелите на новата македонска држава и со тоа се реализирал вековниот сон на македонскиот народ за создавање сопствена држава.
- Денес, Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор. Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на европската цивилизација. Во својот повеќе децениски слободарскиот од, градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на Сесловенскиот свет. И покрај сите специфики на времето во кое живееме, сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, градот успева да ја сочува својата одлика-да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура.За многу одлуки во животот потребна е храброст. Но, најголема е храброста да се задржи своето и подготвено и достоинствено да се одговори на предизвициите кои ги носи иднината, истакна во своето обраќање градоначалникот, Стојаноски.
На свеченоста историски час одржа Наце Иваноски од ОО на Сојузот на борци.
Чествувањата за 11 Октомври продолжуваат утре кога во 11 часот делегации од општина Охрид и останати претставници од јавниот и политички живот од градов ќе положат свежо цвеќе на Спомен обележјето од НОБ во градскиот парк, во дворниот простор на Основен Суд –Охрид и Економското училиште, „Св. Кирил и Методи“ и кај градски гробишта.
OhridNews














