Предлог законот за туристички развојни зони што го усвои Владата на последната седница ќе овозможи подобрување на целокупната туристичка понуда, привлекување нови инвестиции и промоција на Македонија како атрактивна туристичка дестинација. Ова го најавија вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите за економија и за транспорт и врски, Ваљон Сарачини и Миле Јанакиески.

Со законот првично ќе бидат опфатени осум локации од 13 до 50 хектари во Струшко, Преспанско, Дојранско и Охридско, кои до крајот на годинава треба да бидат урбанизирани. За нив државата ќе обезбеди дополнителни поволности и за домашните и за странските вложувачи. Идејата е поинтензивен развој на инфраструктурата, изградба на нови објекти, хотели, спа центри,…

– Со овој закон ќе се придвижат работите во туристичкиот сектор. Нашата цел е што поскоро, за неколку години, преку еден милион туристи годишно да ја посетуваат Македонија, рече Пешевски, нагласувајќи дека ова е исполнување на уште едно од владините предизборни ветувања.

Според Сарачини, бенефитите што ги нуди предложеното решение за инвеститорите се ослободувања од персонален данок во следните 10 години, осолободување од ДДВ за градежни материјали за изградба на зоната и објектите во неа, државна помош за секоја инвестиција над 10 милиони евра, како и помош за обука и усовршување на вработените, до 50 отсто од трошоците за општа и 25 проценти за професионална надоградба.

Веќе се подготовува урбанистичко-планската документација за развојните зони. Најголем дел од земјиштето е државно што е и услов за основање ваква зона. За тоа што е во приватна сопственост ќе се врши експропријација. Во периодот јули/август се планира распишувањето на првиот меѓународен јавен повик. Колку објекти ќе се градат во секоја од зоните, ќе зависи од инвеститорот.

Комисијата што ќе ја спроведува постапката за електронско јавно наддавање ќе ја сочинуваат претставници од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, министерствата за транспорт, за економија и за финансии, Управата за имотно-правни работи и Агенцијата за катастар на недвижности. Одобренијата за градење ќе ги издава Министерството за транспорт, а постапката ќе се врши согласно Законот за градење.

Допрва ќе се утврдува кој ќе биде задолжен за инфраструктурното уредување на градежното земјиште до зоната, дали локалната самоуправа или Владата.

По реализирањето на првите осум зони, не е исклучено зголемување на нивната бројка.

– Секоја област што е на државно земјиште и за која инвеститорите ќе пројават интерес, може да биде туристичка развојна зона, потенцира министерот Сарачини.

Јанакиески рече дека оваа година не се планираат поголеми зафати на патниот правец Стража – Кичево, но тоа останува приоритет. Предвидени се санации и негово проширување. Веќе се прави проект за идно сообраќајно решение од Охрид до Пештани за поедноставно стигнување до плажите.

OhridNews
извор: Курир