Со организирање на Завршниот турнир во баскет за основните училишта, денеска на спортските терени во ООУ „Св.Климент Охридски“ беше одбележан Светскиот ден на физичката активност во Охрид.
Турнирот е во рамки на Училишните спортски лиги и го организираше Сојузот на училишен спорт во соработка со Одделението за спорт и млади при Општина Охрид.
Пред почетокот на финалните натпревари во машка и женска категорија, пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
Светскиот ден на физичката активност, кој го одбележуваме денеска е една убава прилика уште еднаш да им посочиме на младите генерации дека физичката активност е клучна за правилен раст и развој и има значителен придонес во градењето на позитивни вредности лидерски вештини. Затоа од исклучителна важност е од најмала возраст на децата да им овозможиме услови да спортуваат и да се натпреваруваат. Се радувам што како Локалната самоуправа сме особено посветени во оваа насока и вложуваме значителни средства за унапредување на спортот и поддршка на спортските клубови, рече Пецаков.

Основниот предуслов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреацијата во Охрид е постоењето на доволен број спортски капацитети. Токму поради тоа, нашата цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти, кои се главен ресурс за функционирањето на постоечките спортски клубови и важен сегмент за развој на спортскиот туризам. Веќе инвестиравме во реконструкцијата и опремувањето на три мултифункционални игралишта, а во текот на наредниот период планираме да продолжиме со низа инвестиции во спортската инфраструктура, рече Пецаков.

OhridNews













