Експертите предупредуваат- уништувањето на градското зеленило ќе остави трајни последици врз здравјето на луѓето. Неговото значење е особено големо во градските средини, каде постои огромна концентрација на издувни гасови од возилата.
– Зелениот појас освен што го прочистува воздухот од јаглерод диоксидот, влијае и врз намалување на бучавоста која ја создаваат автомобилите, која пак негативно влијае врз нервниот систем на луѓето, потенцира агроном Лазе Наумоски и додава: “ Дрвјата насадени по крајбрежјето имаат заштитна функција во однос на ветровите-ја намалуваат нивната брзина. Шумите пак, не дозволуваат при топењето на снегот да дојде до големи поплави и одрони” .
За жал, сите овие укажувања како да не допираат до надлежните. Секојдневно сме сведоци на уништување на зелениот појас за потребите на градежните претпријатија или поединци и негово заменување со станбени објекти, бетонски патеки, паркинзи- реагираат граѓаните.
Неодамна беа исчени и неколку децении старите тополи на пешачката патека кон Горица.

Од локалната самоуправа информираат дека тополите се сечат поради безбедност на граѓаните. „Дрвјата се сечат заради безбедност и проширување на рекреативната патека“, вели градоначалникот Александар Петрески“.
Инаку, тополите биле посадени во 1960 година и не случајно на овој простор каде се наоѓа Студенчишкото блато- тоа било одлука на тогашните градски власти познавајќи ја нивната голема апсорбирачка моќ- да впиваат големи количини вода.











