Незавршениот процес на децентрализација, отсуство на сопствеништво врз управувањето со отпадот на локално ниво, неносењето на законите, ниската свест кај граѓанитe беа посочени како дел од проблемите на панел дискусија на тема „Диви депонии во општина Охрид – состојба и предлог решенија“. Во Охрид и околината мапирани се 30 диви депонии од кои на 20 секојндевно се забележува одлагање на отпад. За справување со истите според надлежните ќе се поставува видео надзор.

Се соочуваме скоро секој ден со над 30 места низ градот каде се депонира нелегално отпадот. Нашите екипи секојдневно го подигнуваат отпад и истиот се депонира. Буквално има секаков вид на отпад. Со општината планираме на триесет точки да поставиме видео надзор камери, за да можеме да видиме кој депонира, да се преземе некакви мерки. Ќе треба да има редари. Значи од триесет локации што ни се во градот, секој ден минимум на 20 има градежен шут. Уште десетина места има накај Галичица, Рамне, Лакочереј, Велгошти… Кај Лабино имаме голем проблем во поглед на одложување на отпад со камиони. Лани беа собрани 5300 кубици разновиден отпад, вели Ѓоко Савески, координатор за диви депонии Ј.П. Охридски Комуналец.

Посочува дека во тек е постапката за поставување на видео надзор на критичните локации, со надеж дека свеста ќе проработи кај граѓаните, додавајќи дека е разговарано и за поставување собирни пунктови.

Со поставувањето на камерите целта ни е да ја подигнеме свеста кај народот дека не смее несодветно да депонира отпад. Узурпацијата што ја прават околу контејнерите ни е голем проблем. Градежниот шут се остава покрај контејнерите. Во поглед на селекцијата на отпадот свеста сеуште е на ниско ниво и не се одлага соодветно отпадот во соодветните контејнери. Од наша страна имаме шест месеци во годината акции за подигнување на кабаст и зелен отпад. Ние пуштаме екипи доколку некој с ејави да се подигне кабастаиот отпад кое е бесплатно и и покрај сите акции секојдневно имаме сериозен проблем со диви депонии. Се раговараше и за поставување контејнери на пунктови каде граѓаните ќе можат и сами да го достават кабастиот отпад сами.

Граѓаните се сложуваат дека свеста е ниска, но посочуваат дека потребни се казни, како и повеќе садови за селектирање и рециклирање на отпадот, вели Ѓоко Зороски од Здружението „Екотуризам“ презентирајќи ги податоците од спроведената анкета со граѓани на Охрид во поглед на тоа што мислат дека треба да се направи за да се подобри сортирањето на отпад во нивната заедница.

Граѓаните сметаат дека потребна се едукации, казни и соодветни контејнери за фрлање на отпад. Меѓутоа, има некои предлози и за ставање канти за рециклажа и финансиски надомест за рециклирањето на отпад. Во градов има поставено такви вендинг машини, меѓутоа нивниот број веројатно не е доволен и веројатно треба мрежата да се прошири на машини или на било какви садови за селектирање на отпад. Потоа се наведува организирање на собирни пунктови со вработени кои ќе контролираат и ќе им помагаат на луѓето правилно да го одлагат селектираниот отпад. Граѓаните веројатно би селектирале доколку би имало поголем број на садови за отпад и би биле соодветно обележани. Евидентно е дека луѓето на отпадот гледаат како нешто што треба што побрзо да се ослободат, го фрлат или во река или го оставаат во било кој контејнер и недостасува свеста на населението дека отпадот е суровина. 15-20% проценти од граѓаните веќе се свесни дека отпадот се селектира во различни видови на садови, вели Зороски.

Драгана Карашова од иницијативата „Збогум Буково“- Охрид изразува надеж дека проблемот со дивите ѓубришта може да се реши инститиционално и законски.

Се надевам дека може да постигнеме некаков модус за решавање на проблемот со дивите ѓубришта, бидејќи досегашните напори, даваат некакви резултати, но тие не се доволни и сметаме дека не се доволно ефикасни. Ние мислиме дека ова може да се реши многу брзо, доколку постои систем и модел според којшто целото тоа ќе се спроведе институционално и според сите закони, додава Карашова.

Дарко Блинков, генерален инспектор за животна средина при Државен инспекторат за животна средина, посочи дека недостасуваат инспектори за животна средина, секоја година од програмата за животна средина се даваат средства на општините за чистење на овие така наречени диви депонии и дека има околу две илјади маркирани локации низ цела држава.

Сè што е на јавни површини, по Законот за јавна чистота, е во делокругот на овластените комунални инспектори, комуналните редари. Се бара некоја комунална полиција. Меѓутоа многу е негативно искуството од Србија и Црна Гора и таа не може да биде под општина, таа треба да биде во полициска станица од општа надлежност. Значи, сите осум СВР, сите ОВР што се, да имаат такви обучени инспектори. Во поглед на нестандардните педесет и две депонии каде што оперираат јавните комунални претпријатија, пред да се затворат, тие мора да изработат една техничка документација, оценка на влијание врз животната средина заради затворање и треба да имаат уште еден физички трошок, како геомембрана и така натаму. Тоа е научна фантастика за јавните комунални претпријатија кои се во мошне тешка состојба. Треба да се работи на подигнување на свест на луѓето. И секако санкциите кои сега во законодавството наше прекршочните се и до двесте четириесет илјади евра. Навистина се високи. Сега ќе правиме квантификација, да се направи разлика до кај ќе бидат прекршочни, од кај почнуваат кривичните дела, поготово во делот за воздухот и генерираните количини отпад. И стојат постапките за отприлика десетина закони, меѓу нив за Студенчишко Блато, Охридско Езеро, Закон за природа…, потенцираше Блинков.

Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво”, финансиран од шведска влада и спроведуван од Салар Интернешенал, вели дека идејата на проектот била општините во овие два региона, Пелагониски и Југозападен да ги подготват за новиот регионален систем за управување со отпад.

Идејата за регионалниот систем постои веќе петнаесет години, но скоро воопшто не комуницирана со граѓаните, уште помалку со општините, така што се дојде во ситуација да се земаат кредити за реализација, да се прават проекти големи и никој да не знае што се случува во земјава. Тоа е еден пропуст што како тенденција мора да го намалиме. Официјалните податоци покажуваат дека преку 99% од отпадот што го собираме завршува на депонија, меѓутоа не го собираме целиот. Има уште во некои региони до 30% од тоа што е собрано кое завршува на нестандардните нелегални депонии, односно ѓубришта, вели Ангелов.

Потенцира дека има многу причини зошто ситуацијата е таква, посочувајќи го делумно затекнатиот систем, делмно грешки во последните дваесет години.

Незавршен процес на децентрализација којашто беше институционална, а не беше функционална. Значи, се завршија законите, се пренесоа куп надлежности на општините без да се води сметка колку тоа општините реално можат да го спроведат. Другото е отсуство на сопствеништво врз управувањето со отпадот на локално ниво. Општините сè уште сметаат дека големата слика за управувањето со отпадот е работа на државата, што е далеку од точно. Управување со отпадот е дел од комуналните услуги коишто се дел од обврските според Законот за локална самоуправа и тоа е нешто што општините мора да го спроведуваат. Тука имаме мал проблем на локално ниво, каде што општините целосно надлежностите ги предале на комуналните претпријатија. Комуналните претпријатија треба само да извршуваат. Контролата и планирањето на управувањето со отпадот треба да остане кај општините, меѓутоа тоа воопшто не е случајот, додава Ангелов.

Инаку, настанот беше организиран во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“, спроведуван од страна на Центар за климатски промени во соработка со партнерите Еко зелено движење, Геосфера, Екотуризам – 2016 Охрид, Креактив, Фондација за локален развој и развој на информатички технологии, Национален ромски центар и Ецо ацтион. Проектот е финансиран од Швајцарската Амбасада преку програмата Цивика Мобилитас.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска