Затоплувањето на времето и повисоките температури кои се најавуваат од наредната седмица се вистинско предупредување за лицата кои страдаат од пролетни алергии, велат лекарите. Тие објаснуваат дека влагата од дождот до сега ја ублажуваше концентрацијата на полен во воздухот, но сувото и сончево пролетно време, многу повеќе ќе предизвикува алергиски реакции. 


Цветањето на пролетните билки, поленот од бреза, јасен и бука за многу луѓе преставува вистински кошмар. Алергијата е резултат на имунолошка реакција на супстанца која е вдишана или внесена во телото или која е дојдена во допир со кожата. Генерално алергиските симптомите се различни. Може да се јават на кожата, во вид на дерматитис, егземи, осип и јадеж, а може да се јават и во форма на кивавица, кашлање, излачување на поголема количина на слуз од носот, потешкотии со дишењето како и оток или солзење на очите, велат лекарите.

Тие потенцираат дека според медицинската статистика, се поголем е бројот на луѓето кои страдаат од алергии.


-Тоа  најверојатно е поврзано со продолженото цветање на тревите и цвеќињата како резултат на глобалното затоплување. Исто така, загадувањето на воздухот и животната средина придонесуваат за слабеење на имунитетот.  Ако пред 10 години, само 11 проценти од населението во Република Македонија било алергично, сега според епидемиолошките студии секој 4-ти македонец има алергија, наглaсуваат лекарите.

Освен редовната тарапија која треба да ја примаат алегичните, за време на цветањето на поленот треба да се затвораат прозорците, да се избегнуваат излети и кампувања во природа. Тоа значи дека алергичните лица можат слободно да се движат надвор единствено само кога времето е врнежливо.

OhridNews