Православните Христијани денеска го одбележуваат празникот Собор на Св. Јован Крстител. Црквата утврдила овој празник да се прославува веднаш после празникот Богојавление. Тоа е затоа што главната служба на Свети Јован, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓањето на Помазаникот Исус. Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.

Јован постојано ги проповдал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв.
Во времето кога Јован проповедал во Палестина, во Галилеја владеел Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прославил со својот расипан карактер. Овој наследил некои особини од татко си, па ја избркал својата законита жена и живеел незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекорувал и го разобличувал за тоа, па Ирод го затворил. Во една прилика Ирод приредил гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхитила Ирод со својата страсна игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и ветил се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка си, која не можела да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побарала главата на пророкот. Ирод наредил и Јован бил обезглавен. Иродијада продолжила да се изживува над мртвата Јованова глава и го избодела неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопал главата на Свети Јован Крстител.
Јасминка Т. Момироска











