Собранието на денешната седница, ги изгласа новите предлози за министри и заменици министри од редовите на владејачката ДУИ, откако, премиерот Емил Димитриев ги поднесе предлозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, до Собранието. Претседателот на Владата за спроведување на изборите, Емил Димитриев, пред пратениците образложи дека станува збор за ресори кои се испразнија по оставките на министрите кои доаѓаат од ДУИ и беа констатирани од страна на Собранието на Република Македонија на вчерашната седница.

Иако техничикиот премиер претходно одби два предлози на ДУИ за министри и заменици, сепак на крајот ги повика пратениците да гласаат, бидејќи според него „ само ги пополнуваат испразнетите места на министрите кои си дадоа оставка“. За Димитриев се претпоставуваше дека е неприфатливо што еден од кандидатите, Максути во 2012 година во униформа на АРМ, заедно со тогашниот министер за одбрана Фатмир Бесими се поклонија пред споменикот на ОНА во Слупчане.

„Имајќи во предвид дека се работи за Влада на спроведување на изборите која е договорена со политичките партии која има ограничен мандат и имајќи го предвид краткиот рок сметам едка коректно е да се прифати предлогот за нови членови на Владата. Очекувам овие лица да пристапат со максимална посветеност, согласност Уставот“, рече Димитриев.

Според ДПА, ДУИ се во Влада само за да местат тендери, а сметаат дека иако повеќепати најавувале дека ќе излезат од владата тоа не се случило. Со овој потег, само ги отстраниле оние министри кои работеле и краделе само за себе. Ермира Мехмети, од ДУИ, образложи дека ДУИ предложила нова генерација млади Албанци од Македонија, кои се со повеќе титули, но не се сервилни и потчинети. Тоа се нова генерација, еманципирани Албанци, рече Мехмети.

СДСМ нема да го поддржи изборот на овие министри, затоа што како што појасни пратеникот Петре Шилегов, ова е дел од добро смислено сценарио на криминални банди. Помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА  има знак на равенство, а сите работат против доброто на државата, смета тој.

На 100 –та седница на Собранието беа избрани, а полоѓија и свечена заклетва Фестим Халили за заменик-претседател на Владата задложен за европски прашања, Арбер Адеми за заменик претседател на Влада задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери за министер за правда, Пиштар Лутфиу за министер за образование и наука, Дритон Кучи министер за економија, Башким Ахмети за министер за животна средина и просторно планирање, Шухрете Елези за министер за локална самоуправа, Арлинд Зеќири за министер без ресор задолжен за странски инвестиции. Беким Максути е заменик министер за одбрана, Агим Нухиу заменик министер за внатрешни работи, Фатон Положани заменик министер за транспорт и врски и Гзим Беадини заменик министер за финансии.

OhridNews
извор Макфакс