Собранието на Република Македонија вечерва ја констатираше оставката на премиерот Никола Груевски, пренесоа националните медиуми.

„Врз основа на Член 93, Став 3 од Уставот на Република Македонија, оставката на претседателот на Владата повлекува и оставката на Владата. Констатирам дека врз основа на Член 220 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на претседателот на Владата и на Владата им престанува мандатот. Врз основа на Член 93, Став 5 од Уставот на Република Македонија, Владата останува на должност до изборот на нова Влада“, рече на денешната седница претседателот на Собранието, Трајко Велјановски.

Претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и од ДУИ до претседателот на Собранието доставиле Предлог – одлука за распуштање на Собранието, која би се применувала од 24 февруари. Пратениците предложиле предлогот да се разгледа на првата наредна седница на Собранието.

Инаку Груевски ја депонираше оставката на 14-ти јануари и најави дека истата ќе биде ефективна во зависност од денот на одржување на изборите.

OhridNews