Точките за распуштање на Собранието ќе бидат ставени на дневен ред на седницата којашто е закажана за 17 октомври, во понеделник, по точката која се однесува на усвојување на Буџетот за 2017 година, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот Трајко Вељаноски откако СДСМ и Демократската партија поднесоа барање Собранието да се распушти денеска.

„Претседателот на Собранието е уверен дека на овој начин, македонските пратеници ќе успеат истовремено да остварат две суштински цели: прво, да ја исполнат до крај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата, стабилноста на институциите и непреченото функционирање на системот со носењето на најважниот акт, Буџетот, кој секоја година го усвојуваат претставниците на народот; второ, да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието, бидејќи законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември“, се вели во соопштението.
 
Претседателот Вељаноски очекува од пратениците на опозицијата да застанат зад споменатиот план бидејќи така на најдобар начин ќе ја покажат својата посветеност кон преземените обврски од договорите, како и одговорноста кон Македонија.

„Оттаму, за Претседателот на Собранието, секој поинаков став на опозицијата, како тој за распуштање на Собранието на 12 октомври, ќе биде оценет како уште еден акт на политичка неискреност и како дел од планот на опозицијата да издејствува ново, трето по ред одложување на изборите’, додаваат од Кабинетот на Вељаноски.

OhridNews