Опозициската СДСМ нема да учествува на предвремените парламентарни избори на 5 јуни, објави на прес-конференција, лидерот на партијата Зоран Заев, пренесува „Макафакс“.

„Македонијо, без слободни избори нема слобода. Со месеци се бориме за слободни избори, за принципот еден човек еден глас, но (Никола) Груевски и ВМРО-ДПМНЕ постојано го уриваше договорот од Пржино“, рече на почетокот од своето обраќање претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Како што појасни Заев, ваква одлука донеле порад тоа што не се исполнија минималните услови за фер и демократски избори – „немаме прочистен избирачки список, нема реформи во медиумите, ништо не се направи да се оддели партијата од државата…“

„Продолжуваме со активностите за освојување на слободата и демократијата со сето она што демократијата и Уставот и законите го дозволуваат. Во име на тие принципи и демократијата, СДСМ нема да учествува на овие лажни избори. Граѓаните на Македонија видоа и слушнаа зошто ВМРО-ДПМНЕ постојано одбиваа да го спроведат тоа што го потпишаа за да продолжат со криминалот и корупцијата. Без слободни избори нема слобода. Демократска Македонија ова нема да го дозволи. Ги повикуваме сите граѓани, без разлика на нечија верска, етничка и каква било друга определба, заедно да застанеме во одбрана на демократијата. Ова е прашање за Македонија и за нејзината иднина“, рече Заев

Потенцира дека на сите им е јасно дека без слободни избори нема слобода.

„Таму каде мртвите гласаат. Таму каде државјани на други држави гласаат во име на граѓаните на Македонија и каде партиските послушници ги крадат гласовите на вистинските гласачи. Таму каде што ги затвараат устите на сите кои мислат поинаку и кадешто на целата јавност и ги затвараат ушите за вистината… Таму нема слобода. Демократска Македонија ова нема да го дозволи“, порача Заев.

Собранието се распушти, синоќа согласно одлуката што ја изгласаа пратениците на 23 февруари со цел одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, по изјаснувањето на пратениците за точките од дневниот ред на 98. седница вечерва изјави дека со тоа завршува мандатот на актуелниот парламентарен состав.

Тој им се заблагодари на пратениците за нивната работа, и изрази очекување, во иднина сите без разлика на политичката припадност, да работат во интерес на државата.

Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата. Тие побараада биде свикана итна седница на која би биле контатирани оставките на нивните министри и заменици минстри што претходно во текот на денот ги поднесоа до претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев.

Сепак, тоа не се случи и нинвите оставки не се констатирани.

OhridNews
Извор: „Макфакс“