Оваа година за потребите на вештачкиот мрест на пастрмка, што го спроведува концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, веројатно ќе биде собрана речиси двојно повеќе икра. Ваквиот оптимизам концесионерот на езерото го темели врз основа на собраните колични икра во првите два дена од риболовот за вештачки мрест, кој започна во петокот.
-Според почетокот мислам дека сме во можност да ги надминеме минатогодишните количини на собрана икра за 80 проценти, што ќе биде голем чекор кон ревитализација на рибниот фонд на пастрмка во Охридското Езеро, имајќи поредвид дека во 2013 година собравме 30 проценти повеќе икра (1.800.000 зрна икра) во споредба со претходната година.-изјави Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“.
Тој изрази благодарност до сите вработени во претпријатието за нивниот придонес во заштитата на ендемскиот вид пастрмка, а посебно на рибочуварската служба, како и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и МВР.
-Природните плодишта на охридска пастрмка се чуваат деноноќно, 24 часа. Покрај физичка заштита со постојано присуство на рибочуварската служба на терен, езерото се набљудува и со софистицирана опрема.-посочи Танасоски.
Концесионерот на езерото е задоволен од мрестот и на другите видови риба. Оттаму велат дека благодарение на подобрената заштита се обновува популацијата на белвица, крап и плашица.
-Мрестот на крап (мај-јуни), исто така, беше реализиран со 24 часовна заштита и како резултат на тоа за прв пат после долги години па и децении, забележавме големи јата на млад крап во Охридското Езеро. Што се однесува до белвицата која беше најловена риба пред доделување на концесијата и тоа со маломерни и забранети мрежи, успеавме истите целосно да ги отстраниме што придонесе за кус период од само неколку месеци да имаме значително зголемување на рибниот фонд на белвица. Успеавме после 20 години да го обновиме плодиштето на плашицата во Пештани и да ја вратиме оваа риба во својата природна средина. Исто така за прв пат по две децении во Пештани се фрлаше влак. Во 2014 година ќе се обидеме истото да го направиме и во Трпејца и приградското подрачје на Охрид.-истакна Танасоски.
Концесионерот уверува дека комерцијалниот излов се врши крајно внимателно, во согласност со пропишаните норми и количини во Риболовните основи и правилниците за користење риболовен алат пропишани од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
-На целокупното наше работење надзор врши овластен инспектор за рибарство. Доколку правиме паралела, количините кои се дозволени за излов на годиношни ниво се еднакви на количините риба која незаконски се изловуваше во само неколку дена во периодот кога езерото немаше концесионер. Дополнително, количините кои „Пастрмка 2012“ ги излови минатата година се помеѓу 5 и 20 проценти од предвидените и пропишани количини.-рече Танасоски.
Тој посочи дека во 2013 година се поднесени преку 40 прекршочни и над 20 кривични пријави, а собрани се околу 15 километри нелегално поставени мрежи.
-Сите овие мерки и активности, надополнети со зголемената заштита придонесоа рибокрадството на Охридското Езеро да се намали за 90 проценти. Убеден сум дека со ваква заштита на езерото ќе се зголеми популацијата на сите видови риба.-подвлече Танасоски.
Покрај основната дејност, заштита и стопанисување со рибниот фонд, концесионерот „Пастрмка 2012“ активно го развива и негува рекреативниот риболов и ги поддржува манифестациите за промоција на рибарството. Така, по повод Денот на рибарите, кој денеска ќе биде одбележан во Охрид, концесионерот донираше риба плашица која ќе можат да ја вкусат посетителите на манифестацијата. Од „Пастрмка 2012“ истакнуваат дека и во иднина ќе ја помагаат организацијата на овој настан, изразувајќи подготвеност за поактивно вклучување во манифестацијата во функција на промоција на природните вредности за чија заштита и одржливо искористување е задолжен концесионерот на Охридското Езеро.
OhridNews