Покрај моментите на среќа, празниците се периодот од годината кога не потсетуваат на најголемата одлика што треба да ја имаме како луѓе- хуманоста.
Охрид уште еднаш во овој период пред новогодишните празници докажа дека е хуман град. Се организираа бројни акции за да се донесе насмевка онаму каде што е најпотребно.
Една од акциите која се реализираше беше за донација на новогодишни пакетчиња за децата од здружението на родители на деца со посебни потреби. „Во тајните на моето срце“ од страна на Социјалистичката Партија од Охрид.
Свесни за глобалната пандемија и последиците кои ги предизвика врз економијата многу наши сограѓани беа негативно погодени на повеќе начини. Во духот на хуманоста и еднаквоста како основни човекови вредност, членовите на Социјалистичка партија Охрид донираа средства за децата на ВОСП , за кои се обезбедија новогодишни пакетчиња. И во иднина во согласност со нашите можности ќе помагаме и ќе поддржуваме вакви хуманитарни акции, вели Александар Блажески претседател на Социјалистичка партија Охрид.
Во Здружението „Тајните на моето срце“ моментално има 21 деца кои се со попреченост. Како што вели претседателката на здружението Љубинка Ристеска ваквите акции им значат многу, било што да им се подари на децата претставува голема радост за нив.
Годинава имаше повеќе донации и многу сум благодарна на сите нив. Во здружението има деца и младинци кои се со посебни потреби од различни категории. Децата во здружението учествуваат на разни работилници, а ни помагаат и волонтери, вели Ристеска.
Она што е најнеопходно во моментов и за што се борат од здружението е поголем простор за да можат подобро децата да се адаптираат.
Благодарни сме за секоја донација и убаво е да има вакви акции почесто, во текот на целата година. Всушност, јас мислам дека во текот на целата година општината и државата треба повеќе да се грижи за овие лица и да им ги овозможи сите тие услови кои им се загарантирани со закон и со Конвенцијата која нашата држава ја има потпишано. Би требало да има место каде што ќе одат децата, дневен центар, треба да има соодветни услови во училиштата, треба да има асистенти. Потребите на овие деца се големи, чекорите кои се прават се значително мали така што се надеваме дека во иднина ќе биде подобро, вели Весна Габелоска, член на ВОСП

K.A. / Н.С.Ј.















