Во рамки на најавените вкупно 200 дадени согласности за вработување медицински персонал во неколку јавни здравствени установи ширум земјава, согласност е дадена и за вработувања во охридската Општа болница.

Ова за OhridNews го потврдија од министерството за здравство, од каде сеуште не откриваат колкав ќе биде бројот на нововработени лица во болницата.

Директорот Општа болница, д- р Љубен Арнаудов, за OhridNews изјави дека е задоволен од одлуката на надлежното министерство и владата.

Сеуште нема пристигнато писмено известување од министерството, иако очекувам тоа да се случи во текот на денот. Во болницата неопходно е зголемување на постојниот медицински персонал, особено се потребни лекари и тоа од моја страна постојано беше потенцирано на средбите со министерот за здравство и претставниците на владата, изјави Арнаудов.

Во повеќе наврати беше кажано дека според програмата за развој на болницата потребно е вработување на над десеттина лекари и 22 техничари.

Министерот Тодоров зборувајќи за најновата одлука, појасни дека ќе се вработуваат главно завршени сепцијалисти и специјализанти кои се на последните година или две на специјализација, со цел во најбрз можен рок да бидат вклучени во процесот на работа пред се во установите каде има реална потреба од нови вработувања.

Предност ќе имаат лицата кои досега волонтирале во здравствените установи, а со нововработените ќе бидат потпишани договори за доверба со кои ќе бидат обврзани одреден број на години да останат во јавниот здравстен сектор.

– Со претходно реализираните 200 и новите 200 вработувања, ќе бидат задоволени најголем дел од потребите во јавното здравство. За новоработените во Буџетот се предвидуваат по околу 1,5 милиони евра на годишно ниво, рече Тодоров.

На почетокот на минатата година од страна на министерството за здравство беше донесена одлука за вработување на ист број медицнски персонал, како и со најновата одлука. При тоа, за во Општата болница во Охрид беше донесена согласнот само за три нови вработувања.

OhridNews