Со пригодна свеченост што во организација на Сојузот на борците од НОАВМ и почитувачи на традицијата од Охрид и Дебрца, денеска во селото Црвена вода, охридско, беше одбележана 69 годишнината од Манифестот на Главниот штаб на народноослободителната војска на Македонија, во кој се содржат главните насоки на создавање на македонската држава, потврдени на Првото заседание на АСНОМ, одржано подоцна.
-Тука во Црвена Вода се донесоа пресвртни одлуки за Македонија, пред се Манифестот на Главниот штаб на чело со генералот Михајло Апостолски. Во него е претставена е платформата на НОБ и македонската државност на Македонија и што е најважно тој Манифест го потпишуваат сите членови на Главниот штаб со полни имиња и презимиња, со што се симнаа сите сомнежи наметнати од тогашната пропагандата дека во Македонија не се борат Македонци, со цел да се минимизира народно–ослободителната борба, истакна историчарот Владо Иваноски.
Проф. Владо Иваноски
Тој посочи дека на донесување на Манифестот му претходеле редица значајни настани, како што е формирањето на првата македонска воена единица, батаљонот „Мирче Ацев“ на Славеј Планина, а во Црвена Вода пристигнува и првата воена мисија на сојузниците, кои ја известуваат светската јавност дека единствено партизанските единици водат борба против фашистичките окупатори и нивните сојузници.
Во чест на овој значаен настан, во Црвена Вода денеска беше отворена спомен куќата на Главниот штаб на НОБ на Македонија. Во неа се изложени фотографии, документи и извадоци од Манифестот на Главниот штаб на НОБ на Македонија, кој е значаен колку и Крушевскиот манифест, истакна претседателот на Сојузот на борците од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.
-Направен е првиот чекор. Старата училишна зграда во Црвена Вода е преуредена и отворена е спомен соба на Главниот штаб на НОВ, а понатаму локалната и централната власт треба да изнајдат начин и средства овој објект да се оплемени, и тука да се одбележуваат значајните историски моменти од Втората светска војна и АСНОМ, бидејќи оттука извираат сите настани поврзани до државноста на Македонија, рече Георгиески.
Гоце Георгиески
На тој начин, додаде Георгиески, никој не ќе може да ја условува Македонија со предлози, како што е тој за заедничко одбележување со Србија на 100 годишнината од Првата балканска војна во Забрњак кај Куманово.
-Балканските војни се најголемата трагедија за македонскиот народ, бидејќи Македонија тогаш е распарчена на три-четири дела. А, прославата на Зебрњак да биде како компензација за ние да го прославуваме АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчињски. Прашањето е дали ние треба да прифатиме условување или знаејќи што се случило овде во Црвена Вода, во Дебрца, дека тука претходеа настаните на АСНОМ, испраќаме порака како Сојуз на борци од Охрид државата, историчарите и јавноста да постигнат еден консензус никого повеќе да не молиме, туку создавањето на македонската војска и државност да ги прославуваме на извориштето на настаните, а тоа се Дебрца, Караорман, Славеј Планина и Црвена Вода. рече Георгиески.
замена за прославата на АСНОМ во Прохор Пчински, даде и градоначалникот
на општина Дебрца, Љупчо Којчиноски.
-Од тука е почната државноста на Република Македонија. Затоа треба да се поддржи оваа иницијатива и ние како општина во рамки на своите финансиски можности ја помагаме адаптацијата на објектот, кој треба да прерасни во еден поголем историски објект за Република Македонија, рече Којчиноски.
Делегација на општина Дебрца, заедно со претставници на армијата, борците, месното население и други, денеска, положија цвеќе пред спомен обележјето од НОВ во Црвена Вода и им оддадоа почит на паднатите борци за слободата на Македонија.