По повод случувањата на свеената седница по повод 11 октомври, претседателството на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, одржа вонредна седница на која еден од донесените заклучоци е дека  организацијата не се бори за власт, туку опстанок, безбедност и прогрес на државата, меѓу другото и со давање на свои мислења, свои ставови и критички однос кон сето она што го кочи развојот на општеството.

– Претседателството го подржува изнесеното на седницата од страна на претседателот Георгиески, дека борците не би биле борци ако не ја кажат вистината како гледаат на актуелната состојба во државата. Георгиески не обвини никого, истакнувајќи дека не е важно  кој е виновникот за состојбата во државата. Рече дека сме земја без конструктивен политички дијалог помеѓу позицијата и опозицијата. Претседателството цени дека е тоа непобитен факт. Георгиески рече дека сме сериозно задолжена земја. Исто така рече дека ни се случува егзодус на младите мозоци. Овие зборови се потврдени од Заводот за статистика на РМ, од Светска банка и од ООН. Овие негови зборови само пред три дена се изнесени во Извештајот на Комисијата на ЕУ. Значи тоа не е изолиран и личен став на Георгиески, туку преземени констатации на сите предходно наведени институции, се наведува во соопштението на СБ.

Оттаму додаваат дека поради напуштањето на седницата од страна на градоначалникот и неговите соработници не биле во можност да ја чујат пораката дека со работа и ангажирање со цел корегирање на наведените пропусти, државата може да оди во прогрес.

– Ниеден збор не значеше критика нити за власта нити за било кого. Претседателството на СБ од Охрид и  Дебарца цени дека Георгиески само ја изнесе вистината која е презентирана и од Меѓународната заедница. Затоа презентираната вистина не треба да предизвикува негативни инсинуации и борците уште еднаш укажуваат дека вистината нема да се става под тепих, се наведува во дописот.

Претседателството истакнува дека на сите досегашни седници е изразувана благодарност и признание за успешната соработка со Градоначалникот Бакрачески и Локалната самоуправа, но цени дека напуштањето на салата е израз на лично несогласување со содржината на говорот. Сметаат дека игнорирањето на говорот на Георгиески се игнорира целиот Сојуз на борци на РМ.

– Ја почитуваме секоја власт независно од политичката опција, но ја критикуване и  секоја власт се дотогаш додека чувствуваме дека демократијата го губи здивот, додека има сиромаштија, додека нашите мозоци ги градат перспективите на други држави, додека имаме меѓуетнички и меѓуверски тензии, додека на наша територија се формираат други држави, додека се палат цркви и државни знамиња, велат од претседателството на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.

OhridNews