Советничката група на Сојузот за иднината реагира на префрлувањето на дел од вработените во Локалната самоуправа во Косел. Според коалицијата, со тоа паднале во вода најавите во предизборната кампања дека нема да има никаков политички реваншизам.
„Откако тие државни службеници беа префрлени без никаков основ во општинаската зграда во с. Косел таму се соочија со мизерни услови. Во зградата во која треба ги извршуваат работните обврски нема вода, нема греење, ѕидовите на канцелариите се со влага што сериозно може да влијае на нивното здравје. Кој ќе ги сноси последиците по здравјето на овие службеници? Која е вистинската цел заради која овие службеници се префрлени во Косел? Дали најпрво локалните власти ќе чекаат некој сам да се откаже заради мизерните услови, а потоа комплетно сите да се избркаат од работа? – прашуваат од Сојузот за иднината.
Оттаму упатуваат апел до градоначалникот Бакрачески да престане мобингот врз вработените во администрацијата и во најбрз можен рок да им се обезбедат соодветни услови за работа на службениците во Косел, или истите да се вратат на работа во главното седиште на Општина Охрид. „Во спротивно, Сојузот за иднината ќе ги искористи сите демократски капацитети да спречи секаков мобинг на вработените во Локалната самоуправа.“ – стои во соопштението на советничката група на Сојузот за иднината.
OhridNews