Според податоците соопштени на прес- конференција, доцна вечерва, во изборниот штаб на Сојузот за иднината, од 32 обработени избирачки места,  за кандидатот од сојузот, Александар Петрески гласале 5204 граѓани, а за кандидатот за градоначалник на коалицијата За подобра Македонија, д- р Никола Бакрачески 7794. За листата на советници од Сојузот за иднината гласот го дале 2061 граѓани, додека пак за коалицијата За подобра Македонија, 2868.

Како што рече на прес- конференцијата портпаролот од Сојузот за иднината, Дејан Блажески, во текот на изборите се случиле низа неправилности, скриени позади параванот на демократијата.

– Сите ние знаеме за какви притисоци стануваше збор, за паркирани џипови пред изборните штабови, сите знаат за градските муабети за кои е очигледно дека се вистина. Кога ќе се погледнат аналитички овие избори, може да се сфати дека не надвладеа демократијата, туку режимот, рече Блажески.

Блажески најави дека во текот на утрешниот ден ќе информираат за сите забележани нерегуларности во текот на гласањето, за кои ќе бидат поднесени приговори.

– Граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината. Имаме фотографии од настани, од носење луѓе на гласачки места, не знам денес дали се бираше градоначалник на Охрид или на Поградец, имавме многу причини за да се сомневаме. Ваквиот пораз не е вистински и овие резултати не влегуваат во служба на демократијата, додаде Блажески.

 Повтори дека независно од резултатите од локалните избори најважно е да преовладее разумот и да се придонесе Охрид да остане пристоен град за живеење.

OhridNews