Составот на Валенсија во последниот натпревар од 9-та рунда во шпанската Примера со 4-1 го совлада актуелниот првак, Реал Мадрид. „Лилјаците“ до триумфот дојдоа со три голови од пенал на Карлос Солер и авто голот на Рафаел Варан.

Солер со трите погодоци од белата точка стана прв фудбалер во 21 век кој постигнал хет трик од пенал. Солер биеше прецизно во 35-та, 54-та и 63-та минута.

Стратегот на „кралевите“ Зинедин Зидан ја презеде одговорноста за поразот и застана во одбрана на своите пулени.

Болен пораз, затоа што навистина добро го почнавме натпреварот. Првиот половина час не беше лош, постигнавме гол. Но, по изедначувачкиот погодок се случи она што се случи. Што се однесува до трите пенали досудени против нас, судијата мора да води сметка за сето ова. Примивме три гола од белата точка и еден автогол. Ова е многу. Јас сум одговорен за ова како тренер, затоа што морам да најдам излез од ситуацијата. Изгледавме одлично, па играта драматично се промени. Ова не ни се случува првпат и не ми се допаѓа. – изјави Зидан.

Реал Сосиедад со 20 бодови е лидер на табелата во Шпанија, пред Виљареал и Атлетико Мадрид кои имаат два односно бод помалку.

OhridNews