Советниците на одржаната 29- та седница не расправаа по предлог одлуката за давање согласност за утврдување на висината на надоместокот за „Солидарен пакет- погребни услуги“. Точката, по барање на актуелниот директор на ЈП Погребални услуги беше повлечена од дневен ред од седницата.  

Советничката група на ВМРО- ДПМНЕ која потенцира дека е против предлог одлуката, објаснува дека ваквата давачка е незаконска и дека  ја предлага ЈП кое се уште нема лиценца за вршење на погребални услуги. Според координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски, причина за денешното повлекување на точката од дневен ред е тоа што мнозинството во советот, по ова прашање, останало без поддршка.

Воведувањето на надоместокот Солидарен пакет- погребални услуги е оптеретување за граѓаните, но и самото јавно претпријатие кое е во фаза на формирање и сеуште нема лиценца за работа. Веројатно, по претходно консултирање со сите законски прописи мнозинството во советот одлучи да ја прекине постапката за воведување на таков пакет. Претпоставувам дека ваквиот чекор следи и поради реакциите на граѓаните, медиумите и апелот на правните субјекти вклучени во оваа дејност, вели Паноски.  

Операторот на погребални услуги “ Мирен сон”  потенцира дека е единственото претпријатие кое има лиценца да врши погребални услуги. Од таму повторуваат дека донесувањето на одлука за воведување ваков надоместок од страна на советот  би била спротивно од законските прописи.

Со законот за гробишта и погребални услуги, ваков надоместок не се предвидува. Затоа не може советот да носи одлука која не е согласно законските прописи, велат од “Мирен сон“.

Предложениот пакет на услуги нема да претставува задолжување за граѓаните. Граѓаните услугите ќе ги добиваат врз доброволна основа и претходно склучен договор, вели Сашо Алчев, директорот на ЈП Комуналец, претпријатието од кое со поделба беше неодамна формирано ЈП Погребални услуги.   

Во моментов операторот “ Мирен сон” е единственото претпријатие кое дава вакви услуги и со тоа врши монопол. За жал, законот за гробишта ги исфрли сите јавни претпријатија од конкуренција и се создаде монопол во секој град. Со воведувањето на солидарниот пакет услуги ќе се создаде конкуренција и работење во пазарни услови, вели Алчев.

Како што тој потенцира, ЈП Погребални услуги нема лиценца за вршење на дејноста затоа што согласно законот не беа споиви дејностите погребални услуги и управување со гробишта. Со формирањето на двете нови јавни претпријатија и преотстапувањето на дел од средствата за работа се создадени услови. Очекуваме тоа од понеделник и правно да биде регулирано и претпријатието да ја добие потребната лиценца за работа, вели Алчев.

Т. Кувенџиска