Министерството за транспорт и врски денес во Охрид започна со јавната распределбата на социјални станови. На распределбата што се одржа во присуство на Министерот Миле Јанакиевски, беа доделени 71 стан, за кои биле доставени 144 барања од лица кои ги исполниле потребните критериуми за учество.

Оние на кои прелиминарно им беа доделени станови, задоволно коментираа дека конечно ќе им се обезбеди нивното станбено прашање. “ Шестчлено семејство сме и живееме под импровизиран шатор направен од најлон. Пресреќни сме што конечно ќе имаме сопствен стан” , вели еден од добитниците.

Оние со помалку среќа, пак незадоволни од спроведената распределба.  

Министерот Јанакиески на апликантите им појасни дека распределбата на становите се спроведува по електронски пат, при што целосно се елиминира било каква интервенција и влијание на човеков фактор. ” Сакам да ве уверам дека со електронската распределба не може да се изврши било какво политичко или роднинско влијание. Овој систем на распределба е јавен и транспарентен, за што потврда е подршката на Европската банка која го подржува овој процес” , нагласи Јанакиески.

По објавување на прелиминарната листа, следи поверка на сите податоци од апликациите и елеминација на сите неправилности. Листата нема да биде затворена се додека не се спроведени сите неопходни проверки на реалната состојба. Јанакиески ги повика сите апликанти кои сакаат да извршат увид во нивната документација или проверка на начинот на кој е спроведено бодувањето, тоа да го сторат во понеделник, на 28 јуни, во просториите на Министерството за транспорт и врски во Скопје.

Инаку, Министерот ја искористи можноста да потсети дека интенција на Владата е да се реши станбеното прашање на што поголем број граѓани и на тој начин директно да се подобри животниот стандард, но и социјалната слика на општеството. Најави изградба на уште објекти со социјални станови во сите градови низ републиката.

Прелиминарна распределба на социјални станови денеска се спроведе и во Кичево. Во останатите неколку градови ќе се реализира во текот на наредните два дена.

Ohridnews