Сонцето го произведе својот најголем соларен пламен од октомври 2017 година во текот на викендот, што може да биде индикација дека сончевиот циклус станува се поактивен. Ваквите активности на сонцето може да предизвикаат проблеми со радиоопрема и на сателитите во вселената, пренесува „Индепендент“, повикувајќи се на НАСА.

Повеќе сончеви пеги, темни области на сонцето кои претставуваат сложени магнетни полиња, биле забележани од вселенско летало на НАСА на 29 мај, од каде дојде релативно мал сончев пламен, кој испрати штетно зрачење во атмосферата на планетата.

Овој пламен е класифициран како М-класа, што е средина во однос на сончевата сила на одблесокот – помоќна од пламенот на Ц-класата, но не толку моќна како пламените на Х-класата, што може да предизвика прекин на радио врските.

Овој пламен на М-класа, наводно, предизвикал мал прекин на радио комуникациите и бил следен од помал пламен од класата Ц, околу три часа подоцна. Во текот на изминатите 48 часа, исто така, евидентирани се помали соларни  активности на Сонцето.

Сонцето има природен 11-годишен циклус, кога неговата активност се зголемува и се намалува. Силната активност од Сонцето може да предизвика ерупции на енергија во вселената со ефектите што се гледаат на Земјата, вклучувајќи ја и аурора-бореалис или, пак, пречки во радио комуникациите, а во екстремни случаи, да влијаат на комуникациските мрежи.

Научниците треба да знаат кога се случуваат овие сончеви циклуси со цел да се заштитат радио комуникациите на планетата, како и да се обезбедат астронаутите и сателитите надвор од атмосферата на Земјата, заради штетата што може да ја претрпи електрониката.

OhridNews