Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, најостро реагира на изнесените навреди кон охридските новинари во отвореното писмо на Регионалниот одбор на Синдикатoот на вработените во образованието, науката и  културата –СОНК, од Охрид, испратено преку електронска пошта до медиумите.

Во писмото, објавено целосно во дел од локалните медиуми, се користат недолични зборови и квалификации со кои се девалвира новинарската професија и достоинството на медиумските работници присутни на прес конференцијата што на 1-ви септември се одржа во просториите на Општина Охрид, а по повод потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Локалната самоуправа и СОНК Охрид, за што известуваа претставници на повеќе локални и национални медиуми.

„Почитувани Новинари и Новинарки и Вие сите , сите Вие ‘Мали Новинарчиња’!
Подлегнавте ли  на поканата на Градоначалникот  за да поставите прашања  и надвор  од  “денешната тема”, за да заборавите на Нас-Присутните  професори и синдикални лидери , поради кои и се случи оваа прес конференција?! Можевте ли, без ич пардон и без ич обѕир, да нè малтретирате  и да нè држите како заложници  со Вашите  банални прашања за уште побанални проблемчиња од типот : што е со  базенот на фиљан-плажа; што е со дупките на фиљан улица , со паркчето на фиљан место, со изборите  на фиљан датум и со фиљан-жртвите-противкандидатите  на Петрескиот* ?!?!?“
– стои меѓу другото во отвореното писмо на СОНК Охрид до медиумите, на кои им се забележува дека ги игнорирале присутните просветни работници на прес конференцијата и проблемите во областите во кои делува СОНК.

„Вие  ,еве, имате секојдневни прилики да го прашувате  за се и сешто , а денес, не моравте, денес  не смеевте до толку да згазите на Образованието и на Синдикатот кој  неуморно води  борба за подобрување на условите во кои учат учениците и во кои работат наставниците!“, стои понатаму во отвореното писмо на СОНК Охрид.

Ваквото ниво на комуникација е неприфатливо за ЗНМ – Охрид во чија реакција , понатаму се вели:

-Без и малку почит, минимизирајќи ја улогата на медиумите кои безброј пати до сега ги актуелизирале проблемите во образованието, науката и културата, дури и тогаш кога отсуствувала синдикална реакција, како и проблемите во самиот синдикат, во писмото на СОНК, зад кое, како што се тврди во истото, стои Регионалониот одбор од Охрид, на новинарите не им се забележува што преку објавените извештаи ја запознаа пошироката јавност за потпишаниот договор со кој се решава превозот на просветните работници во општината, туку какви прашања поставувале и зошто пројавиле интерес и за други теми надвор од образованието, а кои се од интерес на пошироката заедница.

Недопустливо е Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата –СОНК – Охрид,  да се обидува да дели лекции и да ги учи новинарите како да работат, што да прашуват и пишуваат,  што претставува загрозување на слободата на медиумите и грубо мешање во нивната уредувачката политика.-стои во реакцијата на Регионалната канцеларија на ЗНМ.

Воедно, ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, бара од СОНК – Охрид да го објасни изнесеното во отвореното писмо и јавно да се извини за навредите упатени кон новинарите, за што ќе биде известено и централното раководство на Синдикатот на вработените во образованието.

ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, апелира до медиумите професионално да ја вршат својата работа, објективно и непристрасно да информираат, да ги почитуваат стандардите и принципите на работа и етичкиот кодекс, но и да покажат меѓусебно почитување и да го заштитат дигнитетот на професијата.

OhridNews