Изминатиов викенд во Охрид, во просторииите на регионалниот одбор на СОНК , дваесетина синдикални лидери  од образовните и културно-научните институции од охридскиот  регион дискутираа на  тема “ЗАКОН ЗА ЈАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ: ШТО ДОБИВАМЕ, А ШТО ГУБИМЕ”. На  седницата на РО СОНК, како гости и толкувачи на Законот беа присутни претседателот на Советот на СОНК, Јаким Неделков, генералниот секретар на СОНК, Весна Неделковска, како и почесниот  пртетседател, Дојчин Цветаноски.


Присутните синдикални лидери ги пренесоа стравувањата на членовите на СОНК од областа на образованието, дека со овој закон се отежнува  работата на просветните работници и се  гази врз нивното достоинство, особено со законската одредба  каде се вели дека Јавните службеници  ќе бидат оценувани на секои шест месеци! Ваквите стравувања ги демантираа претседателот на СОНК, како и почесниот претрседател, кои се дел од преговарачкиот тим со Владата.

-Нема да има двојно оценување! Просветните работници ќе бидат оценувани согласно досегашната практика и согласно Законот за основно образование на секои три години  и тоа само од страна на Просветниот инспекторат, а оваа одредба во Законот за јавни службеници со која се најавува оценување на секои шест месеци  нема да важи за образованието,  туку за другите  работници  со статус на јавни службеници – рече Јаким Неделков.



-Законот за  јавни службеници има неколку предности поради кои треба да се прифати  и да се почитува. Прво и основно , во време кога општините се  децентрализираат, јавните службеници, односно работниците кои вршат јавна дејност како што е образованието, не треба да стравуваат за својот статус и за својата плата. Тоа значи дека Државата  им  гарантира редовна месечна исплата на плати, а статусот на јавен службеник има дава предност и пред евентуален технолошки вишок, при што јавниот службеник  по пат на преземање  веднаш ќе  биде згрижен  од соодветна друга сродна јавна институција, согласно неговата стручна оспособеност -објасни Дојчин Цветаноски.


Присутните лидери на синдикалните организации  истакнаа повеќе забелешки на овој закон, особено во делот на одговорноста на јавните службеници, и побараа толкување за  поимите дисциплинска неуредност и дисциплински престап, поради кои  раководното лице на јавната институција (директорот) има право  да казнува . Образложението  по ова прашање беше дека  и досега работодавецот (директорот) ја имал таа можност согласно Законот за работни односи, така што ова  не треба да биде нова грижа на просветните работници. Впрочем, за повеќето  законски одредби од Законот за јавни службеници стои дека се уредени  со подзаконски акти, соодветно на институцијата и дејноста  за која станува збор. Потребно е само да се препрочитаат Законот за работни односи, Законот за основно образование, а особено  и Колективните договори  кои  важат  за одредени дејности, како  што е и образованието.

-Во секој случај, овој закон бара, во секоја комисија  и тело кое расправа за статусот  и одговорноста на јавниот службеник, задолжително да има претставник на синдикалната организација, што е, секако, од особена поткрепа и поддршка за секој  наш член , но згора над се и иако Законот е веќе во сила, тоа не значи дека ние нема да реагираме по одредени члинови кои не се во наша полза и кои се товар за нас и против нашето достоинство. Напротив, континуирано ги следиме состојбите и на Ваше барање со валидни аргументи ние ќе изнудиме промена на одделни законски одредби. Затоа сме денес тука за да потврдиме дека ќе го почитуваме овој закон, но тоа не значи дека нема да се бориме за негово подобро решение-истакна почесниот претседател, Дојчин Цветаноски.


На седницата која имаше предзнак на трибина, стана збор и за трансформацијата на  работниот однос  од определено  на неопределено, при што се истакна проблемот со четирите вработени од ОУ “Ванчо Николески” –Лескоец, кои иако се со над двегодишно работно искуство сепак  не добија решенија за трансформација. За решавање на овој случај претседателот на СОНК ги повика надлежните општински раководители, како и директорот на училиштето, да ја преиспитаат својата одлука и да изнајдат можност и овие наши  колеги и членови на СОНК да се здобијат со решение на неопределено време, се разбира, доколку постои барем минимум причина и оправданост  за таква та одлука.


На крајот од седницата беше побарано од сите лидери и сите членови на СОНК да бидат силно обединети  во зачувување на СОНК како силен фактор во решавање на работничките права и во подобрувањето на животниот стандард на вработените во образовните, културни и научни институции.

OhridNews
фото: Дим Дон