Во просториите на Регионалниот одбор на СОНК – Охрид, деновиве се одржа вонредна седница на синдикалните лидери од охридските синдикални организации на СОНК, при што се дискутираше за актуелните состојби во образовните и културно – научните установи.
Како што информираат од СОНК, меѓу поважните прашања за кои се дискутирало, биле одговорите на надлежните министерства по писмата испратени од синдикатот а во кои се бара итни разговори за разрешување на проблемите околу покачувањето на платата во образованието, како и решавање на проблемите со екстерното оценување и водењето на електронскиот дневник ,односно преобемната педагошка евиденција.
Во овој контекст, синдикалните лидери на просветните работници реагираа и на игнорирањето на ресорното министерство во врска со покачувањето на платите во образованието, што беше ветено минатата година, најпрвин со 10 %, а потоа со само 5 %, за денес да немаме никакво покачување, велат од СОНК.
– Просветните работници се очигледно потрпеливи и од лекарите и од медицинските сестри, па дури и од пензионерите кои бараа и си го добија своето ветено.Останува ние да чекаме на волјата на Министерството и на Владата за да се потсетат што ветија и да си го исполнат ветеното. Ние ,просветните и други работници во образованието, науката и културата, со секој ден добиваме се поголеми и нефункционални обврски со кои се отежнува нашата работа,особено на сметка на вниманието и посветеноста кон основната наша мисија – учењето и подучувањето на учениците. – беше истакнато од синдикалните лидери на охридскиот СОНК.
Исто така, СОНК Охрид бара да се редуцира водењетоо на педагошката евиденција и особено да се има разбирање за неводењето на електронскиот дневник, особено кога училиштата не се во интернет конекција.
СОНК Охрид реагира и на неодамнешната изјава на диерторката на Бирото за развој на образованието, Надица Николовска, во која таа им нареди на наставниците и професорите да го водат електронскиот дневник и од дома, па дури и од некое интернет-кафуле, – без разлика дали училиштето има интернет или не.
-Како може некој да бара електронски дневник, кога нашите училишта -не сите- не ги исполнуваат и основните услови , односно не се приклучени во интернет-мрежата?! И покрај тој хендикеп, ние навистина се трудиме да бидеме исполнителни и мотивирани за секој час, но каде е одговорноста на БРО и МОН за нивните ветувања дека ќе решат дел од проблемите со сложената и преобемна педагошка евиденција, и особено ветувањето дека платите ќе ни бидат зголемени за минимум 5 или 10 %?!.
Оттука, порачуваме дека ние и натаму совесно ќе си ја вршиме својата учителска мисија, но бараме од надлежните час поскоро да седнат со нашите највисоки синдикални претставници (Советот на СОНК и преговарачкиот тим на СОНК) и во функција на подобрување на воспитно-образовниот процес да изнајдат најсоодветно корисни решенија за доброто на сите засегнати работници и други субјекти во образовните установи. – порачаа синдикалните лидери на СОНК од охридскиот регион.
На седницата на која се водеше жестока дискусија за сите проблеми во образованието, присутните, чувствувајќи се професионално навредени и понижени, гневно реагираа на т.н. двојна оценка или втора оценка, односно оценката од екстерното оценување која според сознанијата ќе треба да стои во свидетелствата на учениците, велат од СОНК Охрид.
-Ова е преседан и нонсенс во училиштата, не само во Македонија, ами и во цела Европа чии проекти без приговор и без поговор ги внесуваме во нашата практика. – реагираа синдикалните лидери од охридскиот регион.
На крајот, беше истакнато дека уште еднаш ќе бидат до детаљ забележани сите потешкотии во наставната практика, но и сите барања за подобар стандард на вработените во образованието, и како предупредување ќе им бидат доставени на надлежните министерства за што е можно поскоро решавање на овие мошне горливи прашања за просветните работници.