Превирањата во Синдикатот за образование, наука и култура, а во врска со најавениот генерален штрајк на вработените во образование закажан за 29ти септември продолжуваат. Регионалниот одбор на СОНК во Охрид и централното претседателство, и по денешната средба во Охрид не ги доближија ставовите. СОНК Охрид останува на одлуката да не го поддржи генералниот штрајк, а членството го обвини претседателот на СОНК Јаким Неделков, дека сака да го смени претседателот на регионалниот одбор.
– Изразуваме незадоволство од СОНК поточно од претседателот Јаким Неделков, кој под присила сака да го промени претседателот на регионалниот огранок на СОНК Ацо Речкоски, откако СОНК Охрид најави дека не го подржува генералниот штрајк закажан за 29 септември.-рече Благица Хаџијовановска професорка по Македоснки јазик во ЕМУЦ Охрид.
Претседателот на СОНК, тврди дека во Охрид престојува во редовна работна посета во функција на подготовка на генералниот штрајк и дека согласно статутот, нема овластувања да именува и разрешува претседател на регионалниот одбор.
– Ниту јас назначувам, ниту разрешувам некого, согласно статутот многу се јасни процедурите како се доаѓа до позиција претседател на синдикална организација.-изјави Неделков.
Но, претседателот на регионалниот совет на СОНК Аце Речксоки, вели дека Неделков од него побарал да отстапи од функцијата.
– Претседателот дојде и побара оставка од мене, а побара и од регионалниот одбор да побараат оставка од мене, што не се случи.-истакна Речкоски.
Речкоски додаде дека 900- те членови на регионалниот одбор не го поддржуваат закажаниот генерален штрајк, што пак, според претседателот на СОНК Неделков, се коси со начелата на статутот на синдикатот.
– Не се работи за поддршка или не поддршка на штрајкот, се работи за спроведување на статутот на СОНК и одлуките на советот на СОНК, тоа е кртистално јасно и немам дилема дали регионалниот одбор ќе поддржи или нема да поддржи нешто, согласно статутот сите членови треба да ги почитуваат одлуките, тоа е јасно, рече Неделков.
За време на средбата на раководството на СОНК со членовите на регионалниот одбор во Охрид, пред просториите на организацијата присутни беа стотина подржувачи на локалнатото раководство, кое со сигурност не можеше да потврди дали сите тие се членови на синдикатот за образование.
СОНК Охрид не се согласува со барањата под кои се свикува генералниот штрајк и смета дека до крај не е разјаснет случајот со тројцата професори од штипскиот универзитет со кои се солидаризираше членството, како и дека во такви околности нема услови за штрајк.
OhridNews