Синдикатот за образование и наука е задоволен што се пролонгира воведувањето на екстерното оценување на наставниците.

-Според нас добро е да се вреднува работата на наставниците според одредени критериуми, но тие треба да бидат издржани и прифатени од сите чинатели и добро е што МОН ги послуша нашите забелешки и екстерното оценување се пролонгира, изјави вчера во Охрид Јаким Неделков – претседател на СОНК.


СОНК викендов во Охрид е домаќин на средсбата на синдикатите за образование од Балканот, на која се разгледуваат можностите за заедничка соработка и решавање на проблемите во образованието, кое се соочува со сериозни последици предизвикани од светската економска криза.


Според Неделков, кризата допрва ќе се почувствува во Македонија и најави дека СОНК нема да дозволи евентуалните мерки кои се очекува да ги воведе државата да бидат на штета на работниците во образованието.

-Нема да дозволиме да се донесат еднострани мерки без синдикатот, ќе преговараме со владата, а приоритет ќе ни биде да се обезбеди сигурност на работните места и соодветно вреднување на трудот, рече Неделков.


Претставниците на синдикатите за образование од Балканот на средбата во Охрид потпишаа резолуција за заедничко решавање на проблемите.

OhridNews