Ракометарите на Вардар го исполнаа големиот сон на Македонија обезбедувајќи пласман на завршниот Ф4 турнир во најеминетното клупско натпреварување Лигата на Шампиони.


„Црвено црните“ победувајќи го Фленсбург во двата натпревари го срушија четвртфиналното проклество кое три сезони во низа беше непреминлива пречка.

„Вардарци“ на крилата од пет илјадната публика го разбија составот на Фленсбург во првиот дел кој го добија со плус пет (15-10). Во второто полувреме германците се обидуваа на сите начини и успеаја да ја спуштат разлика на три погодоци и ништо повеќе.


„Црвено црните“ не дозволија историјата и овој пат да им побегне од раце и го згазија во буквална смисла европскиот шампион од 2014 година, Фленсбург со убедлив триумф 35-27 за вкупни (61-51) во двомечот.

Во листата на стрелци се истакнаа Циндриќ со седум голови, Шишкарев и Душебаев со пет погодоци, а на голот стандардно двоцифрен учинок имаше Штербик интервенирајќи успешно 14 пати.

Ф4 турнирот во ЛШ се игра во германскиот град Келн на 3 и 4 јуни.

Фото: Екипа.мк
OhridNews