Сообраќајот на главниот патен правец од Тирана кон граничниот премин Ќафасан е во прекин поради сериозно оштетување и слегнување на мост на делницата кај Прењас, во источна Албанија.

Според информациите од албанските власти, проблемот е регистриран на дел од патниот правец Либражд – Прењас, каде се појавиле свлечишта и структурни оштетувања на мостот во зоната „Arrat e Gurrës“. Поради висок ризик по безбедноста, патниот сегмент е целосно затворен за сите видови сообраќај, вклучително и за пешаци.

Полициските служби поставиле блокади и ги предупредуваат возачите да не се упатуваат по оваа рута. На граничните премини исто така се даваат известувања за прекинот, со цел да се избегнат дополнителни застои.

Без рок за повторно отворање

Надлежните засега не соопштуваат точен рок за нормализација на сообраќајот.

Состојбата на терен се следи како динамична, а забраната ќе остане во сила до завршување на проценките и санацијата на оштетениот дел.

Препорачани алтернативи

Властите препорачуваат пренасочување на возилата по алтернативниот правец преку Ложан – Моглица – Грамш. Сепак, се предупредува дека и оваа делница е делумно оштетена и бара зголемена внимателност, а на одредени делови движењето е отежнато.

Како најбезбедна алтернатива за патување се предлага автопатот од Тирана кон граничниот премин во Дебар.

Апел до граѓаните

Од институциите апелираат граѓаните кои патуваат од Тирана кон Македонија:

  • да не се обидуваат да ја минуваат затворената зона кај Прењас,
  • да користат алтернативни правци,
  • да ја следат сигнализацијата и упатствата на полицијата,
  • да планираат подолго време на патување.

Главниот коридор меѓу Албанија и Македонија останува прекинат до понатамошно известување# пренесуваат тамошните медиуми.

OhridNews

Фото: Илустрација: Freepik