Од СВР Охрид велат дека сообраќајната полиција деновиве успешно се справува со зголемениот број патнички возила во градот. Напоменуваат дека полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, постојано врши превентивни, а во исклучителни ситуации и репресивни мерки, со цел одржување на беспрекорен сообраќај во шпицот на туристичката сезона.
– Полициските службеници, постојано се присутни на терен, внимателно ги следат состојбите на сообраќајниците низ градот и соодветно и навремено реагираат на сите ситуации кои би можеле да предизвикаат значително оптоварување и застој во нормалното одвивање на сообраќајот, да го нарушат системот на редовно сообраќајно функционирање и да го превенираат и санкционираат однесувањето на сите учесници во сообраќајот што е спротивно на прописите и одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Во текот на минатата седмица, од страна на полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид, извршени биле стотина превентивни укажувања за сторен прекршок и исто толку предупредувања на учесници во сообраќајот, но и достава на исто толку покани за сообраќајни поуки.
– Во услови кога немало друга можност и решение, полициските службеници во 15 случаи, со специјално возило „пајак“, извршиле подигање на патнички автомобили непрописно оставени и паркирани на коловозни и други несоодветни места за таа намена. Најголемиот дел од нив, вкупно осум, се подигнати од плоштадот „Св.Климент Охридски“, кеј „Македонија“, плоштад „Крушевска Република“ и на улицата „Коста Абраш“ кај хотел „Александрија“. Останатиот дел непрописно паркирани и оставени возила се подигнати од булеварот „Туристичка“, улиците „7 ноември“ и „Стив Наумов“, како и на патот пред плажа во комплексот „Славија“ и Кадиолошкиот завод. По основ на овие, но и по други основи од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, изречени се вкупно 24 мандатни прекршочни платни налози, информира Димоски.
Во изминатата седмица, активностите на Полициската станица биле преземени во координација со Државниот и општинскиот инспектор по патен сообраќај. Заедничките контроли биле поврзани во врска со превоз на лица, стоки и опасни материи, но и на возила кои вршат јавен превоз на патници (сезонски превоз, општински линиски превоз и такси превоз). По овие основи, биле извршени 16 контроли при што биле констатирани пет прекршоци, а едно возило било исклучено од сообраќај.
Од СВР со повик до граѓаните на поголема кооперативност во однос на напорите за одржување на ред во сообраќајот. Најавуваат дека и во наредниот период ќе се преземаат засилени мерки за одржување на стабилна безбедносна состојба во сообраќајот, но и во јавниот ред и мир.
OhridNews












