Ден пред големиот христијански празник посветен на „св. Климент Охридски и св.вмч. Пантелејмон“ сопругата и ќерката на покојниот историчар на уметност и археолог Гоце Жура на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и подарија примероци од неговата последна книга „Охрид – град на светоста“ и од книгата „Времеплов на научните истражувања на мојот татко“ од Гордана Жура, промовирана во август минатата година.
За мене како ќерка е многу важно што библиотеката доби два примероци од неговата последна книга „Охрид – град на светоста“, издадена во декември 2018 година, која се состои од само 100 ексклузивни примероци. Оваа книга, самостојно издание на Жура, е круна на неговото макотрпно децениско истражување во Охрид, и е се’ она за коешто тој се бореше: афирмација на нашето културно наследство. Делото детално мапира и опишува седум енории со вкупно 20 ранохристијански базилики и преку 40 средновековни цркви лоцирани во стариот дел на градот – Варош. Изработената мапа, која читателот ќе ја најде на крајот од книгата, е нешто на што Жура неуморно работеше низ годините и на која многу се гордееше, бидејќи таа ни доловува колку навистина е посебен и свет градот Охрид. Воедно, таа претставува и поттик за новите генерации истражувачи да продолжат со лоцирањето на храмовите кои се’ уште не се откриени. – рече Гордана Жура на средбата со директорката на библиотеката Гордана Змејковска.

И датумот за подарувањето на книгата во НУ Библиотека во Охрид не е случајно одбран, ден спроти 9 -ти август кога се празнува споменот на големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски, кој е упокоен на овој ден во 916 година, а светата црква го празнува и споменот на големиот исцелител и великомаченик свети Пантелејмон. А Плаошник, светилник на христијанството, местото каде што св. Климент Охридски го изградил манастирот посветен на св. Пантелејмон, и каде се упокоил, беше место за вечната инспирација на Жура. Тука, меѓу другото, се роди идејата за неговите истражувања за христијанските храмови и базилики, рече неговата ќерка Гордана Жура.
Гордана Жура со јавноста го сподели и податокот дека од неодамна и официјално е наследник на авторските права на сите издадени книги и записи од нејзиниот татко.
OhridNews














