По објавената реакција од граѓани дека повторно се гради кај објектот во близина на Самоилова тврдина, сопственикот на градбата во демант до медиумите вели дека на лице место воопшто не се вршат било какви градежни дејствија коишто се однесуваат на изградба на било каков објект, уште помалку објект без обезбедена соодветна градежна документација – дивоградба.

На лице место се преземаат градежни дејствија во насока на партерно уредување на недвижниот имот и негово оградување што впрочем е уставно загарантирано право на секој сопственик на недвижен имот во Р. С. Македонија. Преземените градежни дејствија коишто беа извршени на терен се однесуваат на израмнување на теренот, и поставување на потпорен ѕид со цел на спречување на понатамошно лизгање на земјиштето во соседните парцели и спречување на евентуална ненадоместлива штета за што се поднесени соодветни пријави до надлежниот градежен инспекторат и националната установа за заштита на културното наследство Завод и Музеј – Скопје за поставување на камена ограда, вели сопственикот Оливер Цепенковски.

Во целост, додава, ги демантира изнесените наводи дека вршените градежни активности биле изведувани на затскриен начин со поставување на предмети и барикади до пристапот на местото, како и дека било оградено местото со зелена мрежа, од едноставна причина што сите преземани дејствија се врз основа на позитивните законски прописи и на начин кој што е предвиден со закон, и не постои никаква потреба од прикривање на овие дејствија – дотолку повеќе што ако навистина беа скриени воопшто не би можело истите да бидат забележани и фотографирани како што е направено од наводните загрижени граѓани.

Крајно во целост и најостро ги отфрлам изнесените тврдења дека со моите дејствија се манифестирало самоволие, поигрување и потсмевање со инспекциските служби и органите на Град Охрид, како што е објавено во повеќе медиуми, од причина што јас секогаш во моите дејствија сум бил насочен на почитување на сите надлежни органи и нивните вработени, како и на сите мои сограѓани, и никогаш сум немал интенција да функционирам надвор од предвидената законска рамка, а тоа се покажува и во моите напори да вложам дополнителни средства се со цел соседните недвижни имоти да немаат било какви евентуални последици или штета, додава Цепенковски.

OhridNews